Здрави навики за поквалитетен живот

Како да се замени зборот „ТРЕБА“ со „ПОЧНАВ“

Во серија текстови ќе се обидам да ве поттикнам да размислите и самите да ја донесете одлуката на кој начин ќе ја почнете борбата со вашите килограми, не наседнувајќи на разноразните трикови со кои сте секојдневно бомбардирани.

“Многу се лажеме ако сметаме дека храната не предизвикува зависност. Taa предизвикува, и тоа каква… Но, да се вратиме на зборот „треба“.

Кога на нашето залажување со понеделниците ќе му дојде крај, кога ќе бидеме исмеани од околината и од нашето внатрешно јас, тогаш на сцена стапува втората фаза на себе залажување. Во нашиот очај и разочарување од слабиот карактер дури и да започнеме со нешто, утеха наоѓаме во зборот „треба“. Веќе сме дебели и најчесто по обилниот оброк и уште почесто по консумирањето на нашиот слатко суперкалорично уживање, самите себеси но и на околината и велиме дека ова е премногу, треба нешто да се превземе!

  • Треба да почнам да се воздржувам од благо – веќе следниот ден јадеме уште поголема доза.
  • Треба да внимавам да не јадам месо со компири – следниот ден једеме месо со леб.
  • Треба да почнам да појадувам – следното утро јадеме бурек или омлет со сланина.
  • Треба да почнам да вежбам – не се почнува, ама „треба“.
  • Треба да направам редовен преглед на холестеролот и гликозата во крвта – „треба“, ама најчесто се прави кога ќе се појават првите симптоми на болест, веќе е доцна.
  • Треба да престанам да јадам навечер – ама ова го кажавме после ручекот, сега гледаме добар филм, ни се пријаде и забораваме што „требало“ …

Доколку се пронајдете во само едно од погорните „треба“, а верувам дека ќе бидат повеќе, вие сте веќе во втората фаза од немоќта да го подигнете чувството на одговорност за вашето здравје и сте во момент во кој е веќе крајно време да пресечете и да му кажете збогум на нездравиот живот и лошите навики.

Зборот „треба“ заменете го со : ПОЧНУВАМ! или уште подобро: Од денес, независно што не е понеделник, почнав да живеам ЗДРАВО. Прво сам на себе, а потоа и на околината кажувајте им дека:

  • Почнав да се воздржувам од благо
  • Почнав да внимавам да не јадам месо во комбинација со компири и леб!
  • Почнав да појадувам, но појадувам житарки и овошје, тестенините и белото брашно се веќе мое минато!
  • Почнав да вежбам – два пати неделно пешачам (брзо одење) по пет километри и одам на пливање !
  • Направив редовен контролен преглед кај мојот интернист, холестеролот и гликозата во крвта ми се на горна граница, тоа се првите симптоми на болест, но бидејќи почнав да ги менувам моите навики не е доцна да се поправат резултатите !
  • Престанав да јадам навечер – последниот оброк ми е пред дваесет часот, сега подобро спијам, се будам одморен и навистина не ми е јасно зошто досега „требало“ да се јаде навечер…

Погледнете колку е лесен овој подвиг !

Чувството е феноменално. Задоволството од самиот себе ќе биде огромно, од два аспекта, првиот, бидејќи конечно успеавте да ја победите мрзеливоста, меланхолијата и апатичноста во вас. Веќе не ви е сеедно за сè. Односите со вашиот партнер, семејството и пријателите добиваат друга димензија. Од личност која служела за потсмев, вие се дефинирате како човек кој служи за пример, бидејќи сте успеале од зборови да преминете на дела!

Сега ве гледаат со други очи. Штом сте можеле да успеете во еден специфичен и суштински момент од вашиот живот, на сите им е јасно дека и професионално вие веќе не се шегувате. Вашите мислења и проценки сега ќе се анализираат и вреднуваат поинаку, бидејќи вие го правите тоа што го мислите. Вие станувате човек од збор ! … “

– извадок од прирачникот за слабеење „Здрави навики за поквалитетен живот“

Останати извадоци