Во свет без банани?

Кога на културата ѝ се заканува сериозна чума, се подзамисливме што се би изгубиле ако бананите ги снема од пазарчињата.

Коста Рика, најголемиот произведувач на глобално омилениот извор на калиум прогласи вонредна состојба. Вид на габичка ги пустоши насадите на банани низ светот, а надлежните ги обвинуваат климатските промени. Секоја петта банана не е погодна за консумирање.

Ако утре снема банани, нема да ја имаме најлесната ужинка на светот, ќе бидеме лишени од едноставноста на транспортот на ова тропско овошје (ја собира во секоја чанта) до работа и од леснотијата да се симне лушпата (споредете со портокал) и да се стигне до хранливото јадро.

Ако утре снема банани, ќе снема и 20% од дневните вредности на Б6, 17% витамин Ц, 13% калиум и 8% од дневните вредности за магнезиум.

Ако утре снема банани, појадокот нема да биде целосен, ќе снема една одлична замена за простите шеќери и одличен извор на диетални влакна.

Ако утре снема банани, ќе го снема и Бананамен.