Генетски фактори кои влијаат врз развитокот и големината на мускулите

Овој текст е изработен со цел да се разбијат голем број на митови околу развитокот на мускулите кои владеат кај популацијата која активно се занимава со спорт без оглед на нивото на физичка подготвеност.

 

Соодветно поставениот тренинг е најуспешното помагало кое ќе ги доведе нашите мускули до саканите резултати, но ако нашите желби околу изгледот и функцијата на нашиот организам не ги даваат замислените резултати тогаш разочарувањето е неминовно.

Силовиот тренинг е без размислување најпродуктивната активност со која може да се занимаваме, но и покрај овој показател голем број на жени не преферираат да го користат поради тоа што мислат дека би изгледале ,,набилдано” како Шварценегер, додека пак дел од мажите со фрустрации се бават со спорт и не разбираат зошто нивното тело не може да изгледа како бодибилдерите и атлетите кои секој ден ги гледаат на интернет и во списанијата.

Во случајот на девојките нивните размислувања се најчесто неосновани, додека кај мажите разочарувањата се нормални затоа што поседувањето на големи мускули е реткост кај човечкиот вид. Дали некогаш сте помислиле зошто фитнес инструкторите продаваат програми кои иако ги користите не добивате некој видлив резултат, а тренерите сепак изгледаат ,,Совршено”?

Голем број од нив поседуваат соодветен генетски материјал кој во склоп со правилен трненинг дава резултати кои секој нормален човек не би можел да ги постигне. Реткоста на поседување огромни мускули е тоа што ги прави специјални и посебни, а митот дека секој може да ги поседува е тоа што го влева стравот за силов тренинг кај жените.

Причината поради која се јавува оваа реткост е генетиката. Голем број на теории во последните 200 години биле создадени со цел целокупно и опширно сваќање на тоа како функционираат организмите и невниот ,,внатрешен” свет. Но најзначајното и воедно најкорисно открите во врска со науката за живото се смета откривањето на DNA/ДНК (deoxyribonucleic acid/Деоксирибонуклеинската киселина) во 1944 од страна на Освалд Авериј. ДНK ги формира базите на целиот жив свет, од најпрости до најсложени организми.

Во јадрото на ДНК се наоѓаат гените кои ги носат карактеристиките кои ги наследуваме од нашите родители, кои исто така ги наследиле од нивните родители и тн. Сè што поседуваме како организам, бојата на очите, големината на стапалото па дури и формата и големината на мускулите се предодредени од гените кои ни се пренесени од родителите.

Секој може да го надополни својот генетски потенцијал кога станува збор за силата која ја генерираме и големината на мускулите преку соодветно тренирање и правилна исхрана, но потенцијалот кој го носиме поседува лимит кој е одреден од наследените гени. Способноста за развивање на мускулите над нормалните големини лежи длабоко во нашите гени, а реалноста е дека повеќето луѓе не ја поседуваат генетската структура за овој вид на развиток да се случи. Еволутивната биологија дава до знаење дека оваа особина е многу ретка.

Фактори кои влијаат врз развојот на мускулите

Покрај карактеристиките кои ги добиваме при раѓањето, за правилен развој на мускулите исклучително е важен тренажниот процес и исхраната која треба да е во сооднос со потрошувачката и побарувањата на организмот за да се постигне врвот на генетскиот потенцијал. Иако остварување на проценка за точно одредување на генетскиот потенцијал е многу тешка, постојат некои физички карактеристики кои способен тренер или стручњак би можел да ги евидентира. Од овие показатели може да се даде заклучок во кој правец спортистот би требало да се развива.

Соматотип

 

Познато е дека секое тело е единствено со своите карактеристики и може само да постојат сличности, но постоењето на идентичност е незможно. Затоа во науката се составени 3 најосновни типови на физичка граба, а тоа се Ектоморф, Мезоморф и Ендоморф. Секој тип си има свои одредени карактеристики и специфики кои имаат огромна поврзаност со тоа како мускулот се развива и расте. Најчесто Ектоморфот е оној кој е висок и секогаш торзото и рацете му се тенки и поседува мала количина на масно ткиво. Мезоморфот е мускулест и доста силен со широки и испакнати раменици, силни гради и екстремитети, а нивото на масно ткиво е минимално. Ендоморфот има меки и заоблени контури на телото и торзото, голем врат, кратки и дебели екстремитети.

Должината на мускулот

Факторот поврзан околу должина на мускулот е клучен за големината која еден мускул ке ја достигне. Колку поголема е масата на мускулот толку повеќе поседува материјали кои го поттикнуваат неговиот раст. Секој мускул на краевите има тетиви кои се припојуваат кон коската што значи дека должината е непроменлива и секој обид за да се смени тоа е невозможен. Ширината на мускулот никогаш нема да биде поголема од должината, бидејќи ако тоа би се случило нема да биде овозможена конткракција и движење нема да се појави. Факторите кои го лимитираат волуменот се: должината X ширината X висината – кои се генетички предодредени вредности. Но доколку некој поседува куси мускули на бицепсот, тоа не мора да е показател дека и другите мускули на телото му се кратки.

Скелетната формација

При градење на масивна мускулатура мора да се земе во предвид и скелетната формација која се одредува според должината, дебелината и структурата на коските од телото. И овие карактеристике се генетски пренесени од нашите родители.

Дистрибуцијата на масти

Исто како што генетски наследуваме одредени особини, така наследуваме и одреден број на масти, масни клетки. Овој број на масни клетки е предодреден, така што нормално се наследуваат од 25 – 30 билиони масни клетки. Додека гојазните луѓе поседуваат околу 50 билиони масни клетки, екстремно гојазните поседуваат околу 240 билиони. Оваа разлика помеѓу бројот на масните клетки е една од причините зошто некои луѓе не се во можност да изгубат голем број на масти трајно.

Нервномускулна ефикасност

Нервномускулна ефикасност се темели врз односот помеѓу нервите и мускулите. Како се иневрирани и како мозокот ги активира мускулите, одредува колкав е степенот на мускулна сила и бројот на мускулни влакна потребни да се изведе одредено движење против соодветен отпор. Колку поголем е процентот на искористување на мускулните влакна при максимален напор, толку поголем е контрактилниот капацитетот кој овозможува способност за совладување поинтензивен напор. Нормално луѓето користат околу 30% мускулни влакна при контракција на одреден мускул, додека процентот на оние кои можат да користат 40% па дури и 50% се сведува на минимум. Но кога во прашање е издржливоста овој процент може да претставува недостаток, но претставува и предност при стимулација на растот на мускулите кај спринтерите и други силови спортови.

Густина на мускулните влакна

Ова се однесува на бројот на индивидуални мускулни влакна во кубен центиметар. Колку повеќе мускулни влакна во еден кубен центиметар, толку поголема е можноста за стимулација на хипертрофија (зголемување на волуменот на мускулот со зголемување на компонентите кои го градат истиот). Колку поголем е бројот на мускулни влакна, толку поголем ќе биде потенцијалот на масата која може да биде достигната за одредениот мускул.

Формата на мускулот и неговиот потенцијал за раст

Растот на мускулот исто така е предодреден со неговата форма и облик која ја даваат мускулните влакна. Тие можат да се поставени во вретеновидна формација и во облик на пердув. Вретеновидните мускули се карактеризираат со тоа што на средината се со поголем волумен отколку на краевите каде се стеснуваат. Поради поседување на овој облик, мускулите од ваков тип имаат можност да го променат својот волумен.

 

Но пердувестиот тип на мускулатура се карактеризира со поставеност идентична на пердувите од птиците. Овој вид на формација создава агол за влечење кој им дава на мускулните влакна способност за совладување поголем отпор, за разлика од вретеновидните. Но разликата е што вака поставените мускули се од многу мал слој на влакна за разлика од вретеновидните. Тие се состојат од тенок слој на влакна од причина што се лоцирани на мн мал простор. Ако на местата од овие мускули би се наоѓале вретеновидни, тогаш при контракција тие би се скуисиле и функцијата нема да биде извршена како што би требало.

Пример за ваков мускул имаме помеѓу коските на шаката. Секогаш кога земаме некој објект во раката тогаш се активира овој мускул, но доколку овој мускул би бил вретеновиден со тек на време волуменот ќе порасне и раката би ни изгледала како балон со што би ја изгубиле способноста за зграпчување на раката.

Од сè ова донесуваме заклучок дека некои мускули се со соодветен облик за да не дојде до зголемување на нивниот волумен со што би биле попречени акциите на други мускули. Ова докажува дека некои мускули на нашето тело во никој случај не би се променале во зависност од нивната форма. Ова е дело на генетскиот материјал кој ни е пренесен.

Миостатин

Како што претходно кажавме, неможе секој да поседува генетика која ке му овозможи огромни мускули поради различни биолошки причини. Пред неколку илјади години поседувањето на огромни мускули би се вброило како недостаток затоа што наоѓање доволно храна да се прихранат секако дека претставувало проблем. Но еволуцијата му овозможила на организмот да пронајде механизам кој би го оддредувал растот на мускулите, неговото име е миостатин.

Накратко да појасниме, генот по име GDF-8 (growth and differentiation factor 8 / фактор за одредување на растот и промена за време на развитокот 8) го произведува миостатинот кој има функција да ги стопира мускулните клетки и деловите од мускулот да се зголемуваат. GDF-8 ја означува границата за тоа колку еден мускул ќе се зголеми. Што повеќе е застапен овој протеин во нашиот организам, толку е помала границата за раст на мускулот.

Најчесто, врвните атлетичари поседуваат помал процент на миостатин и затоа нивната можност за зголемување на мускулната маса е зголемена. Недостигот на миостатин се манифестира не само со поседување голема мускулна маса, туку и ниско ниво на масти во телото. Луѓето кои ја имаат оваа способност да развијат големи мускули и поседуваат огромен физички потенцијал се оние кај кои гените успеале да ја излажат еволуцијата. Тоа е поради фактот што доколку тие развијат огромна мускулна маса, тие мускули ќе треба да бидат адекватно нахранети со многу калории кои многу брзо би ги истрошиле нашите енергетски складови што значи дека при глад оваа способност не би била од голема корист.

Покрај миостатинот постојат и други генетски фактори од кои може да дознаеме како нашето тело би реагиирало при тренинг, потенцијалната големина на мускулите, па дури и како би можеле да го прилагодиме тренингот со цел нашата генетика да дојде по максимален израз и да се достигне потенцијалот. Овие генетски фактори се : ciliary neurotrophic factor (CNTF), interleukin-15, alpha-actinin-3, myosin light chain kinase, и angiotensin converting enzyme.

Покрај сите горенаведени фактори постојат уште причине кои би имале ефект врз растот на мускулите како на пример реакцијата на телото при тренинг со висок и среден интензитет, околината во која се наоѓаме, начинот на живеење, исхраната и сл. Сепак, без оглед на нашиот изглед и големината на нашите мускули, вежбањето ни дава потпора за водење здрав и квалитетен живот и гарантирано го заштитува организмот од лошите влијанија и стресот.

*голем дел од информациите се добиени од скриптата Body by science од Доуг МекГуф и Џон Литл