Невегетаријански Е-бројчиња

Зад која E-шифра се кријат адитивите од животинско потекло? Листа за во паричник пред да одите на вегетаријански шопинг.

Во Европската Унија постои правило, сите состојки употребени во производството да бидат наведени на амбалажата. За олеснување на примената на ова правило развиен е Е-системот каде Е означува, што друго ако не Европа, а бројот што се додава е код за некој додаток, прехрамбена боја, емулгатор и така натаму.

Многу од нив воопшто не ги посакувате во вашиот организам, а особено ако сте вегетаријанец и се држите настрана од храна со животинско потекло, сигурно не сакате едно Е-бројче да ви го уништи расположението и апетитот. Затоа следува листа на најчесто употребувани адитиви во прехрамбената индустрија кои се од животинско потекло и нивните Европски алијаси.

  • Е-120 (кармин, карминска киселина, кохинеал) црвена прехрамбена боја, добиена преку мелење и дробење на хитинскиот скелет на еден вид инсекти Dactylopius Coccus. Барајте го во црвено пребоените слатки, кремови, сокови, декорации.
  • Е-441 (желатин) ако сте веќе некое време на вегетаријанска исхрана сигурно сте слушнале и го избегнувате овој гелирачки агенс. Се добива од колагенот во коските или поткожното ткиво на свињата или кравата. Внимавајте на желатинот во желеата, гумените бомбони, фонданот за торта, па дури и млечните производи како кремови, павлака, јогурт.
  • Е-542 (агенс против згрутчување) во основа е фосфатно соединение кое се добива од остаточните коски во месната индустрија, како и желатинот. Може да налетате на овој агенс во дехидрираните производи како млеката во прав, брашното, гранулираниот шеќер, сол.
  • Е-631 и Е-635 (агенси за појачување на вкусот) динатриум инозиат и динатриум-5-рибонуклеотид се добиваат индустриски од рибино месо.

Често косата ни се крева од многу Е-бројчиња, но не дигајте паника секогаш. Иако често користени во пејоративна форма, Е-броевите понекогаш знаат да означуваат и здрави супстанци. На пример Е-100 е ознака за куркума лонга или куркумин, кој дава силна жолта боја, а се смета дека делува и антиканцерогено. Но сепак повеќето од нив ни прават штета и тоа што се затскриени зад кодови понекогаш ја отежнува ситуацијата.

Автор

Martina Mileva

Штип

Македонија