Љуботен - Недела 03 Ноември

Љуботен со велосипед (текст + видео)

Договорот за Љуботен падна всушност саботата вечер, набрзина се спремивме и неделата околу 7 часот веќе ги монтиравме велосипедите и правец кон Љуботен.

Дилема беше дали да одиме преку Старо село или Рогачево. Најпосле решението беше Рогачево. Патот од Рогачево испадна прилично тежок така да поголем дел ги туркавме велосипедите по угорниците, се додека не стигнавме до викенд населбата. 

Од викенд населбата беше веќе многу полесно, патот нема веќе големи успони и се движи по серпентини така што туркањето го заменивме и со возење. Практично тешкиот дел е веќе на сртот каде што почнува и, туркањето и носењето на велосипедите. Малку по малку со повеќе паузи полека го истуркавме и сртот и околу 3 часот стигнавме на врвот. Како награда добивме прекрасен поглед од Љуботен, облаците кои не пратеа сега беа повлечени, а сонцето веќе полека се спремаше за заоѓање, а со него и ние. Моравме да побрзаме за назад бидејќи веќе немавме доволно време ако сакаме да возиме по дневна светлост. Симнувањето надулу беше веќе друг момент. Адреналинот си работеше, а првичниот страв веќе беше надмината работа, сега остана само брзото спуштање надолу и чувстото дека си сплотен со планината.

Интересна е оваа дисциплина, како што кажа еден наш другар „глаголот возење често го заменуваме со глаголот туркање“. меѓутоа задоволството е огромно. И како што обично бидува, кога ќе искачиш веќе некој врв, продолжуваш и натаму, Во план ни е да ги искачиме сите поголеми планински врвови со велосипед во Македонија, во наредниот период. Титов Врв е веќе зад нас, сега и Љуботен. Екипа: Симо, Томе и Саше

Автор

Simon Simonovski

Скопје

Македонија