Скршеница на носните коски во спортот

Многу честа ненамерна (намерна) повреда во спортските натпревари е скршеницата на носните коски.Честотата на оваа повреда пред сè е во контактните спортови како фудбал, ракомет и кошарка и веројатно е иста како и кај секоја тепачка, бидејќи механизмот е идентичен или директен, т.е. глава-глава, глава-лакт, рамо или друго.

Што ќе му се случи на носот после претрпената повреда пред сè ќе зависи од силата на ударот, но и од навремената помош, дијагностика и третман.

Секој удар во носот се препознава првично по обилното крварење, со негов деформитет, оток, асиметрија на носните ходници и попреченото дишење. Деформитетот се забележува уште веднаш пред да се појави отокот.

Најбитен момент кај овие повреди е проценката, односно дали се работи за дополнителен потрес на мозокот. Секоја сила што води до фрактура на носните коски или коските на лицето може да направи и потрес на мозокот па дури и до многу потешки повреди на мозокот.

Основните знаци кои се сериозен аларм се изгубена свест, амнезија, конфузија, главоболка, вртоглавица, гадење, зуење во ушите, отежната комуникација и одговор на едноставни прашања. Појава на било кои симптоми или било која нивна комбинација е доволно за да организирате итен транспорт до најблиска медицинска установа.

Ако свеста е задржана, првиот чекор е спречување на понатамошното крварење. Спортистот треба да биде во седната положба со главата наведната нанпред за да се оневозможи течење на крвта кон подолните дишни патишта. Потоа се притискаат ноздрвите со чиста газа. Ако пак спортистот е во легната положба треба да се донамести во бочна положба со лицето кон надолу.

По престанок на крварењето добро е да се пласираат ладни комреси (било каква сакате студена алтернатива..!). Во секој случај задолжителна е дополнителна евалуација за дијагностика и третман во корелација со специјалист-оториноларинголог.

Рентген дијгностичките испитувања конечно ја потврдуваат евентуалната скршеница. Репозицијата или местењето т.е. исправањето на деформираниот нос се изведува после повредата или 3-7 дена т.е. кога ќе се изгуби отокот.

Враќањето на натпреварите или тренинзите го одредува докторот кои може да дозволи и употреба на специјални заштитни маски најмалку шест недели од повредата. Добро репонираната и добро санираната скршеница е услов за слободен проток на воздухот низ носните ходници и превенција од подоцнежни компликации.