Научете по нешто од најмалите за исхраната

Ако ја имате таа среќа да делите маса со некое пиколинче, претворете се во око и уво и научете како треба да се јаде, затоа што пиколиновците се најумешни во таа работа.

Јадете само кога сте гладни

Возрасните се тотално глуви кога станува збор за слушање на пораките кои ни ги праќа телото. Или ги игнорираме сигналите за да не качиме по некое килце или сме презафатени за да јадеме, а понекогаш јадеме туку така. Пиколиновците од друга страна внимателно го слушаат телото кога станува збор за гладта и ситоста. Кога се гладни ќе си побараат (ќе се изнаврескаат додека не добијат) и кога се сити престануваат да јадат. Остатоците може да ги довршат во некоја наредна прилика.

Не прескокнувајте оброци 

Најмалите освен ако не се болни или воопшто не се гладни никогаш не прескокнуваат оброк. Ова е уште нешто што треба да го научиме од нив. Возрасните имаат навика редовно да прескокнат некој од оброците, што секогаш за последица има прејадување и успорување на метаболизмот.

Ужинајте

Истражувањата покажуваат дека ако ставите барем нешто во стомак на секои неколку часа, нивоата на шеќер во крвта ќе бидат постабилни, а ќе имате и повеќе енергија. Исто така го намалувате ризикот при наредното среќавање со фрижидерот да изедете се што има внатре.

Бидете прибирливи

Тргнете од фактот дека децата нема да јадат било што, туку само ако јадењето е фино подготвено и нивното омилено. Никогаш нема да прифатат да изедат храна само заради нејзината нутритивна вредност, туку го ценат вкусот, мирисот и изгледот. Уживајте во храната и јадете го она што го сакате. Пребирајте, само не претрувајте.

Јадете бавно

Кога се учат да јадат пиколиновците внимателно ја соџвакуваат храната, ја задржуваат подолго во устата. Со самото бавно џвакање дел од хранливите материи се разложуваат уште во усната празнина, па храната станува полесно сварлива за телото. Исто така полесно ќе го слушнете стоп-сигналот на телото.

Подметнете си ги здравите работи

Кажавме да бидете пребирливи и храната која ја јадете да ви биде вкусна, но ако не јадете некоја екстра здрава намирница, а жално е да ги избегнувате таквите, ѕирнете некој готвач за пиколиновци кој ќе ви ги открие тајните на успешните мајки, подметнување на здравите намирници во супи, чорби, смути.