Покана за учество во Скопје ВегеФест 2013 ФотоНатпревар

По повод првиот фестивал за веганска храна во Македонија, Скопје ВегеФест 2013, ги покануваме сите фотографи-аматери да учествуваат во ФотоНатпреварот, а со тоа и да добијат шанса за учество на изложбата на фотографии на самиот фестивал.

Фестивалот ќе се одржи на 19-20 октомври 2013, во Ла Кања и Чифте Амам во Старата скопска чаршија. ВегеФест се одржува по втор пат и е во организација на Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ и Здружението за заштита на животната средина „Terra Floria“. На фестивалот ќе се промовира здравата исхрана и здравиот начин на живот, толеранцијата, емпатијата и соживотот. Програмата е исклучително богата и опфаќа интересни предавања од нутриционисти, аниматори, вежби, музика и многу храна и забава.

ФотоНатпреварот е на тема веганство како начин на живот. Затоа што веганството не е само здрав начин на исхрана, туку тоа е филозофија на живеењето и делувањето, тоа е почит, одговорност и сочуство кон животните, кон човештвото, кон природата, кон светот кој го оставаме за идните генерации!

 Секој кој сака да учествува може да испрати 5 фотографии, а од секој учесник ќе се изберат најдобрите 3 фотографии кои ќе бидат изложени на фестивалот и ќе се продаваат по симболична сума. Најдобрата од трите фотографии од секој учесник, ќе биде постирана на ФБ – страната на Анима Мунди.

 За најдобрите 3 фотографии кои ќе бидат избрани од жири комисијата и од организаторите на ФотоНатпреварот, ќе се доделат и награди.

 *На фотографиите задолжително да го има вашето име и презиме, или уметничко име (watermark). Со самото вклучување во натпреварот учесниците дозволуваат нивните фотографии да бидат изложени за продажба на фестивалот по симболична цена. Средствата кои ќе се соберат од продажбата на фотографиите ќе се искористат за покривање на ветеринарните интервенции над бездомни животни.

 Вашите фотографии може да ги испраќате на следната е-адреса: [email protected].

 Среќно!