MTB Balkan Championship 2013

Јован Јованоски – четврта година на Балканскиот Пиедестал

Стартна рамнина во кривина со недоволна ширина, бледи нечитки стартни броеви со неозначени категории, изедначена борба – победи подобриот, Јован задоволен со среброто … 

Планинскиот Велосипедизам овој пат беше причина за одмерување на силите помеѓу земјите од Балканот. Од 12 до 14 септември домаќин на манифестацијата беше Бугарската Велосипедска Федерација во Помпорово по падините на живописните Родопи.

За жал настанот помина во лоша техничка организација од страна на домаќините. Најнапред голем пропуст беше направен поради тоа што воопшто немаше никакво свечено отварање и претставување на присутните Национални Тимови, што на некој начин го потцени настанот.

Целосната организација Бугарската Федерација ја препуштила на приватна компанија која организира спортски настани – Концепт Креатив, но за жал одговорните не ги познаваа основните технички правила за XCO натпревари според правилникот на UCI.

Забелешки и коментари следеа од сите менаџери на тимови, вклучувајќи го и судијата од UCI, кој беше присутен поради тоа што натпреварот за категорија на Елит беше бодовен за ранг листата на UCI.

Несоодветна стартна рамнина, најголемиот пропуст и причина за револт кај учесниците. Поставена на кривина со недоволна ширина, претставуваше голема опасност за метеж и пад на самиот старт. Од друга страна организаторите се соочија со проблем да ги постројат натпреварувачите за старт.

После подолг период изнајдоа решение со кое учесниците беа постројани во колони според Нации, по избор на менаџерот и тоа од најуспешниот до најслабиот учесник во сите категории освен во Елит.

Оваа категорија стартуваше одвоено по барање на судијата од UCI. Со ваков старт се соочивме со проблем поради стартните броеви кои беа изработени на бела позадина, а бројката со светло жолта боја, тешко читлива и без никаков распоред на броевите според категории.

Севкупно стартуваа 5 категории што претставуваше огромен проблем, односно беше невозможно да се следи конкуренцијата и да му се даде информација на велосипедистот за неговата моментална состојба.

Македонскиот Национален Тим во полн состав како ретко до сега со вкупно 10 учесници во сите категории, велосипедистите од нашиот клуб беа најбројни:

Елит:

  • Бленди Троци – Екодром, Охрид
  • Александар Ѓуровиќ – Енерџи, Скопје
  • Зоран Шишковски – Е.Б.Т.С, Скопје

Елит Жени:

  • Анета Антовска – Енерџи, Скопје

Јуниори:

  • Јован Јованоски – Екодром, Охрид
  • Петар Упевчески – Екодром, Охрид

Кадети:  

  • Влатко Рабаџиски – Свиок, Радовиш
  • Новица Велјаноски – Екодром, Охрид
  • Кристијан Николов – МВК, Велес
  • Драган Цветковски – МВК, Велес

Од вкупно 11 земји членки во Балканската Унија, севкупно се пријавија осум национални тимови, Бугарија како домаќин, Турција, Кипар, Грција, Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Србија. Недостасуваа тимовите на Албанија, Романија и Молдавија.

Патека во должина од 5км не претставуваше ништо посебно како што се очекуваше. Единствено несекојдневно беше стартот и целта на 1950 м.н.в, при што после стартот следеше технички спуст во должина од 1км 1750 мнв, а потоа следеше искачување во должина од 4км по широк колски пат, со мал технички дел во должина од 0,5км.

Поради здравствени причини на нашиот тим, одлучивме да го приспособиме комбето за транспорт на целосни велосипеди, при што ја тргнавме последната клупа и останатите два тренинзи до врвот ги транспортиравме со комбето.

Јован Јованоски во категориајта на Јуниори со сребрен медал, позади Грчкиот натпреварувач Aлександрос Врочидис, а пред Бугарскиот Добрин Лиловски. За жал тоа е и единствениот медал од овој Балкански Шампионат. Петар Упевчески се пласира на 18 место од 23 натпреварувачи.

Забележителни резултати во категорија Кадети покажа дебитантот Влатко Рабаџиски со одличното 9 место, Новица Вељаноски на 11 место, а Кристијан Николов и Драган Цветков на 14 односно 15 место од вкупно 23 натпреварувачи.

Во категоријата на жени, Анета Антовска на 9 место од вкупно 10 натпреварувачки. Категорија Елит, најнеподготвена односно најслаба на настанот, Бленди троци на 26 место, Зоран Шишковски 27 од вкупно 27 учесници, Александар Ѓуровиќ во третиот круг се откажа поради ладниот воздух и тешкото дишење.