Доделени наградите „Arco Rock Legends 2013“

Наградени најдобрите во спортското и натпреварувачкото качување

Во петок, на 6 септември оваа година, по осми пат беа доделени наградите за најдобрите во спортското и натпреварувачкото качување. За наградите „Arco Rock Legends”, како и секогаш, беа номинирани најзвучните имиња и пак, како и секогаш, изборот беше неверојатно тежок. Гала вечерта се одржа за време на фестивалот „Rock Master”.

Во категоријата „Rock Award” (за достигнувања во спортското качување од јуни 2012 до мај 2013 година) повторно највисоко признание доби Адам Ондра (Adam Ondra) кој има добиено три такви награди (во 2008, 2010 и 2011 год.) Дваесетгодишниот чех од неколку години ја крева границата на спортското качување и во 2012 година повторно го прави тоа, поминувајќи за прв пат тежина од 9b+ (на неговата насока „Change” во Флатангер (Flatanger), Норвешка). Во февруари оваа година поворно качи слична тежина, насоката „La Dura Dura” во Олијана (Oliana).

Никој немаше да се зачуди ако наградата отидеше во рацете на другите номинирани: Крис Шарма (Chris Sharma), Стив МекКлур (Steve McClure) или Александар Мегос (Alexander Megos). Многумина изјавија дека наградата најмногу ја заслужува Мегос, зашто тој го надмина Ондра во една дисциплина, имено Мегос за првпат во историјата качи насока со тежина 9а во стилот „на поглед” (онсајт, onsight, OS) – „Estado Crtico” во Сируана (Siruana).

Новинарите имаа тешка задача при изборот на најдобриот претставник во натпреварувачкото качување. Сепак, наградата ја доби словенката Мина Маркович (Mina Marovič). Таа е првак во дисциплината „тежинско” (двапати по ред на светскиот куп, во 2011 и 2012 год.) и многу добро се претстави во „болдеринг”.

Заедно со неа беа номинирани австриските мајстори Ангела Ајтер (Angela Eiter) и Јакоб Шуберт (Jakob Schubert). За успесите на Ангела може многу да се кажува. Минатата година таа ја освои четвртата шампионска титула на светксто првенство во Париз и постигна шеста победа во натпреварот „Arco Rock Master”. И Јакоб како неа триумфираше во Париз и беше трети во генералниот пласман во светскиот куп во дисциплината „болдеринг”.

Беше доделена и посебна нарада „Climbing Ambassador” by Aquafil”. Претходно беше доделувана на легендите од спортското и натпреварувачкото качување. Овојпат организаторите има ја посветија на сите инвалиди, кои се занимаваат со качување, како признание за нивната силна волја.

Автор

Nikola Andonoski

Гостивар

Македонија