А со холестеролот шо праиме?

Проблематикава не е резервирана само за постарите и оние со прекумерена телесна тежина. Сè повеќе млади и сè повеќе просечно конституирани се најчеста клиентела во сендвичарите и пекарите, па добиваат резултат од крвна слика – висок холестерол.

Свежите овошје и зеленчук, житарките и „добрите“ масти се дел од здрава диета. Но некои меѓу нив се особено ефективни во намалување на оној вишок холестерол што тежнее да се натрупува во крвните садови.

Како? Здравата исхрана се служи со повеќе механизми за намалување на холестеролот. Еден начин е преку големата доза на солубилни диетални влакна кои го врзуваат холестеролот пред тој да биде апсорбиран во тенкото црево.

Друг начин е преку полинезаситените масни киселини кои директно го намалуваат „лошиот“ ЛДЛ холестерол и трет начин е преку нивните составни компоненти стероли и станоли кои исто така спречуваат холестеролот да биде апсорбиран.

Еве неколку продукти кои овозможуваат барем еден механизам од овие погоре и топло ви препорачуваме да ви станат секојдневие:

1. Овесните снегулки овозможуваат добра доза на диетални влакна. Ако ги искомбинирате со банана за додатни диетални влакна и малку млеко за калциум, бидете сигурни дека појадокот ви е перфектен за почеток на убав ден.

2. Легуминозите исто така изобилуваат со диетални влакна, а ги има толку многу видови што можете постојано да правите нешто поразлично во кујната. Исто така можете да ги комбинирате во салата, како пире, манџа… Погрижете се легуминозите да бидат секојдневно на вашето мени.

3. Јатките се важни на фит срце. Една шака на ден ореви, бадеми, лешници или други го намалува лошиот ЛДЛ холестерол, што е докажано преку повеќе студии. Но ставаме акцент на она „една шака на ден“, бидејќи кога станува збор за овие вкусни грицки лесно е да се претера.

4. Храна збогатена со станоли и стероли од растително потекло е добар избор бидејќи како што објанивме погоре овие состојки спречуваат апсорпција на холестеролот во тенкото црево. Често пати житните десерти се збогатени интенционо со стероли и станоли за да бидат поздрави, а исто така може да се најдат и во вид на суплементи.

5. Масната риба како лососот трипати неделно е одлична, ако ја ставите во функција на замена на другото месо, затоа што изобилува со омега 3 масни киселини кои ги намалуваат триглицеридите во крвотокот, па претставува здрав избор за уште поздрав крвоток.

И сето би било убаво ако плус останете настрана од маргаринот, пржените компирчиња, белите пецива, лиснатото тесто, пастрамајлиите и пиците. Обидете се веднаш да посегнете по поздравиот избор за телото веднаш да ви биде благодарно.