Предсвадбено патување – искачување на Mатерхорн

Матерхорн е врв на Швајцарските Алпи на границата помеѓу Швајцарија и Италија и претставува еден од најпознатите и најатрактивните врвови во светот.

Врвот за прв пат е искачен на 14 јули 1865 година од седумчлена експедиција предводена од Англичанецот Едвард Вимпер,при што на симнување, четворица од нив загинале. Од тогаш на врвот се искачиле уште многу планинари од светот по различни насоки, но има и преку 1000 жртви. Овај врв бара добра психофизичка подготвеност и доста тренинзи во текот на целата година.

16 август (петок) Во 20.00 ч. јас, Саша Грбиќ и Ана Митковска со автомобил тргнавме од Битола за Швацарија за да се искачиме на еден од алпските врвови Дуфоршпиц 4634 м, највисок врв на Монте Роса.

18 август (недела) Во 02.00 часот на 7 км пред Цермат стигнавме во градчето Таш, ова е последното место до каде што се иди со возило. Од тука влез во Цермат има само со електричен воз или лиценцирани такси превозници кои ги носат туристите до пред влезот на селото.

Чекавме да се раздени, ноќта ја поминавме во автомобилот. Во 07.00 ч. станавме, колата ја оставивме на паркинг во Таш, зедовме вреќи за спиење, шатор, храна, опрема за планинарење и со такси тргнавме кон Цермат. Се возевме со комбето и по втор пат имавме шанса да го видиме најатрактивниот и еден од најпознатите врвови во светот Матерхорн.

Ланската година бевме на прошетка низ Цермат, тогаш за прв пат го видовме и се запрашавме дали некогаш ќе застаниме на врвот.

Во 11.00 часот стигнавме и се сместивме во кампот во Цермат. Остатокот од денот го искористивме за шетање и информација за времето за наредните неколку дена. Како што се движевме низ Цермат цело време го гледавме врвот без облак и снег, ретко да се начека ваков ден каде времето е кристално чисто.

Па од тука дојде и идејата ако имаме убаво време наместо Дуфоршпиц да го качиме Матерхорн. Влеговме во инфо центарот се информиравме за времето, имавме многу добра прогноза за вторник и среда, па така одлучивме да почекаме само еден ден и да одиме на Матерхорн.

19 август (понеделник) Во 11.00 часот станавме од спиење а надвор врнеше дожд, на врвот снег, беше многу ладно. Остатокот од денот го поминавме во шаторот се до 19.00 часот. Вечерта престана да врне и се спремивме за нарениот ден за искачувањето.

20 август (вторник) Станавме од спиење,времето беше чисто без ниту еден облак,од Цермат ја фативме првата гондола во 08.00 ч. и се искачивме до езерото Schwarzee 2596 м. Од тука започнува и стартот на искачувањето.

Во 08.30 ч. тргнавме со полни ранци опрема,вода и малце храна,се движевме по добро уредена и обележана патека се до домот Hornli Hut 3260 м.Бидејќи немавме резервирано за спиење во домот истиот ден продолживме до бивакот Solvay за таму да преспиеме. 12.00 часот тргнавме од домот по слабо обележана и не многу технички тешка патека, но многу лесно можи да се згреши правецот на движење.

Цело време се движевме малце подолу на левата страна од гребенот и за среќа нигде не ја утнавме патеката. Далеку пред нас здогледавме тројца планинари кои се качуваа нагоре. Во 17.40 ч. заедно со тројцата Шпанци кои беа пред нас стигнавме во бивакот Solvay 4005 м. Внатре има само 2 кревети и неколку ќебина доволно за да се преспие. Вечерта касно пристигнаа уште планинари.

21 август (среда) 06.00 часот станавме од спиење, излеговме од куќарката, а надвор преку 50 планинари качуваа тој ден.Се наврзавме и тргнавме. Овој дел е технички потежок и треба добро да се внимава. Од тука патеката не можи да се згреши но најголем проблем е гужвата. На околу 4200 м стигнавме до вертикални зидови и фиксни јажиња по 15-20 метри. Јас одам прв, а Ана е позади мене, се тргавме со голи раце по јажињата, снег се уште нема, тоа ни помогна полесно да ги совладаме таквите делови.

На околу 100 метри пред врвот ставивме дерези и се движевме по снег последниот дел од патеката. Кога ја видов малата статуа од Св. Бернард и викнав на Ана, и кажав дека скоро сме горе, дојде до мене, внимателно продолживме и во 11.00 часот застанавме на врвот МАТЕРХОРН 4478 м. Ни се оствари желбата од ланската година.

Направивме неколку слики, се спуштивме и до Италијанскиот врв кој е само за еден метар попнизок. Се вративме назад по истата патека и во 11.40 часот тргнавме за назад со неколку абзели и внимателно движење надолу, во Solvay стигнавме во 17.30 ч. Тука се одморивме 15 мин и продолживме да слегваме, се движевме по гребенот и слегвавме со абзели. На еден ипол час пред домот Hornli Hut не стемни.

Имавме полна месечина и не беше никаков проблем слегвањето. Се движевме многу претпазливо. Последниот абзел пред домот го спуштивме и веќе бевме на сигурно, се ослободивме од голем психички терет. Во домот Hornli Hut стигнавме во 23.45 часот. Домот беше затворен, ни фалеше многу вода, малце се одморивме и продолживме надолу кон Цермат.

22 август (четврток) во 02.00 часот стигнавме кај езерото Schwarzee со надеж дека тука ќе најдиме вода за пиење,но немавме таква стреќа. Продолживме и во далечина се слушаше реката,стигнавме до неа се напивме вода и во 05.15 часот стигнавме во Цермат, неспани, нејадени, жедни, изнаодени но пресреќни за досега најголемиот успех.

НАШЕТО ПРЕД СВАДБЕНО ИСКАЧУВАЊЕ тука заврши среќно и успешно и уште по среќни кога разбравме дека од 1981 година од искачувањето на Димитар Илиевски-Мурато и неговите другари Ѓока, Бале, Мирко и Драшко после 32 години ова е прво искачување од Битола, а Ана е прва Македонка која го искачила од швајцарската страна на Матерхорн 4478 м.

За крај благодарност до Битолска Млекара и Мега – месна индустрија за поддршката за ова наше искачување.

Автор

Sasa Grbik

Битола

Македонија