“Секогаш најпрвин им дозволувам на соништата да растат во мојата глава”

Јадранска магистрала со велосипед

Секогаш се потчинувам на емоциите, затоа практикувам да патувам сама и така успевам да постигнам хармонија со природата, анализирајќи ги своите можности и карактеристики. Моите дејства се резултат на моите мечти и мојата чуствителност. Благодарение на тоа реализирав едно патување пред се внатре во мене кои ми помогна да се разберам себе и луѓето околу мене.

 

На 14ти јули го расклопив точакот и се качив на автобус за Будва. Утрото во 5 и 30 љубезниот шофер ми посака среќен пат и се започна. Будва-Тиват-Херцег Нови-Цавтат-Купари, долж целата Јадранска магистрала се нижеа прекрасни гледки што ми го земаа здивот и сакав уште и уште.

Следниот ден Купари – Дубровник-Слано-Неум-Опузен-Плоче-Градац-Заострог (камп Увала Борова). Пo 130км минати со 6л вода и 1л јогурт најубавото нешто што следи е опуштање на плажа на зајди сонце со Ожуљско. Уште едно утро и се поблиску до целта. Заострог- Дрвеник-Игране-Подгора-Макарска-Омиш-Сплит. Минав 340км без никакви физички потешкотии и без никакв проблем со точакот. Сплит е единствениот град во Европа каде се чуствувам како дома. Можеби е тоа заради веселите, топли и опуштени пријатели кои ги имам  таму. Цел еден ден уживав по плажите на Маријан. Тоа е во самиот град но ми остави впечаток како да бев на некој далечен остров. Во рака ми падна Иво Андрич и неговата ” Знакови поред пута”,  случајност или не?!  На Брач се одржува фестивал кој доколку сте таму не се пропушта макар на два дена. Vanka regule (надвор од нормалното) www.vankaregule.com , самото име се кажува. И таму лесна вожња Сутиван-Супетар-Сплитска-Постира-Сутиван.

Назад до Сплит со катамаран и “гуштање” како само Сплитјани умеат. Сакав следниот ден да возам до Трогир но некако имав мрзливо утро и останав да трчам и возам точак на Маријан за понаредниот ден да возам  Сплит-Трогир-Чијово-Сплит. На 24ти отидов со автобус до Дубровник каде вечерта се качив на траект за Бари,Италија. По десет часовно пловење се најдовме со Маја и Мето кои ме чекаа со точаци и кола полна со опрема за качување. Јужна Италија беше планот, а она што го знаев со сигурност е дека ќе се качиме со точак на Везув, остатоткот им дозволив  да ме изненадат…..