Како се зауздува кофеинот

Августов е можеби повеќе за пивце, но се ближи почетокот на нов циклус учење и злоупотреба на кофеин, а и за сите целогодишни кафе-џанкери еве неколку чекори да се справите со ситуацијата кога срцето ќе посака да излета.

Најпрво како делува кофеинот и како изгледа предозираност од кофеин?! Тој е всушност моќен стимуланс на нервниот систем кој делува енергетски, разбудува и ја подобрува координацијата. Кога ќе претерате со маѓичната напивка нус ефектите се инсомнија, срцебиење, тремор (тресење на дланки), гадење, повраќање. Непогодно за пред колоквиум или важен состанок, нели?!

Еве неколку чекори кои експертите ги препорачуваат ако почнете да искусувате некои од овие симптоми:

  • Измијте го телото со вода одвнатре. Но никако акутно, туку пијте по една чаша вода на секој час, во тек на неколку часа. На тој начин, слично како со токсините, телото забрзано ги исфрла несаканите супстанци, во случајот вишокот кофеин.
  • Испијте шолја хербален чај за да го смирите агитираниот нервен систем и желудник. Никако нова доза на кафе, ниту пак газирани пијалоци.
  • Изедете здрава порција. Овој чекор не помага во забрзано отстранување на кофеинот, но ќе помогне да ја спречите или намалите наусеата (гадењето). Никако не посегнувате по зашеќерена храна, која само ќе ги влоши симптомите. Земете протеини, овошје, зеленчук. Желудникот ќе ви биде благодарен.
  • Поправете ја киселоста во телото. Ова се постигнува најлесно со јадење на алкална храна како лубеница, диња, смокви, корени, темнозелено листести зеленчуци.
  • Рехабилитирајте се. Малку дисциплина и почнете чекор по чекор, шолја по шолја да ја намалувате количината на кофеин до едно јако утринско, максимум две кафиња дневно. И побарајте алтернатива, можеби 10 склекови во доцните часови со книгата или ладен туш подобро ќе ви делуваат од 5те кафиња.