Протеин на кој и белката му завидува

Па дури и вареното телешко, а зборуваме за протеин од еден нежен зелен микроорганизам. Запознајте ја спирулината.
Оваа алга живее во бистри и слатки води, како реки и езера, кои не се загадени, со многу сонце и на умерена температура. Со други зборови живее во водениот рај на земјата.
Нејзиното име зборува за нејзината физичка конфигурација во вид на спирала. Има сино-зелена боја и подолга историја на јужно-американското тло, а реоткриена е во 50тите години на минатиот век.
- Интересен факт: Во ’90тите во Бангладеш, во време на страшно загадување на водата за пиење со арсен, дел од болните биле третирани и успешно опоравувани со спирулина.
Да се навратиме на протеинскиот состав на спирулината. Од 55-77% од сувата материја на оваа алга отпаѓа на протеини. Овие броеви добиваат големо значење кога ќе се споредат со сојата 34% протеин и месото со 27% протеини од сувата материја. Од друга страна да не зборуваме само за квантитетот, туку и за квалитетот.
Спирулината е целосен извор на протеини, а тоа значи дека ги содржи сите есенцијални аминокиселини. Се препорачуваат околу 2 лажички спирулина во еден оброк за целосно покривање на потребата од протеини.
- Интересна измама: На пакетчињата спирулина често ќе наидете на податок дека е извор на Б12 препорачлив за вегетаријанци. Тоа е само маркетиншки трик, Б12 што го содржи спирулината е всушност псеудовитамин (лажна форма) и како таков човечкиот организам не го искористува.
Покрај одличната хранлива вредност, заради која понекогаш во нејзе се положуваат надежи дека ќе го заврши светскиот глад, спирулината има и лековити својства.