Алерген против алергија?

За алергичните на храна на потенкиот крај од алергијата е фрустрацијата од неможноста за јадење на некоја храна (нели забранетото е најпосакувано), а на подебелиот крај е опасноста што демне дури и од најмали количини на алергенот.

Според едно испитување оралната имунотерапија која подразбира изложување на алергенот постепено преку исхраната може да ја зголеми толеранцијата и да ја намали реакцијата на организмот на соодветниот алерген.

Во подолготрајната студија биле испитувани 55 деца од 5 до 11 години со умерена алергија на јајца каде на еден дел им било давано прав од белка, а на друг дел пченкарно брашно (плацебо) помешано во редовниот оброк, со постепено зголемување на количината.

По 10 месеци половина од децата можеле да консумираат 5 грами белка, по две години 75% толерирале 10 грами белка што одговара на едно цело јајце. На крајот од студијата единаесет деца се сметале за излечени од алергијата, но сепак шест биле исклучени заради алергични реакции.

Иако студијата до некаде дала позитивен резултат кај оние 11 дечиња сепак постои контроверзија и ваквата терапија не е широко прифатена. Станува збор за умерени алергии и алергија на белка, што не значи дека ваквата орална имунотерапија може да се имплементира и кај другите типови и степени на алергија. Оваа терапија никако не смее да се применува без медицинска супервизија.