Бидете здрави за евтини пари

Јога часови, органско овошје, свеж лосос, часовник за мерење пулс, држачи за телефони на бицепс, на зглоб… сигурно ви удираат јако по џебовите, а факт е дека поскапите патики не истрчуваат повеќе километри.

Aко желбата да се биде здрав постои, има мал милион начини за тоа и да се оствари без поголеми трошоци. Повелете неколку од нив.

Нога пред нога

Прошетката нека ви стане утрниски или вечерен ритуал. Одвојте барем 15тина во денот минути за да ја потикнете вашата циркулација, да вдишете свеж воздух. Поканете го и партнерот за доза муабет додека се шетате. Времето ќе летне, а телото ќе ви биде благодарно. Или уште подобро, извадете ги велосипедите од подрумот и заборавете ги клучевите од автомобилот дека постојат.

Домашна теретана

Бидете креативни. Две шишиња со вода од 1.5 литри можат да послужат како тегови или пак шишето со рачка од 6 литарскиот омекнувач за алишта искористете го за уште поголема тежина како руско ѕвоно.

Помали порции

Не мора да се откажувате од храната која обожавате да ја јадете, а е полна со калории. Доволно е да ја намалите количината. И колку пати сте го слушнале ова „јадете помалку, а почесто”, а сепак прегладнети вадите се можно од фрижидерот. Редно е да почнете да ја применувате филозофијата на малата порција.

Утринско истегање

Не летајте кон ѓезвето веднаш после будењето, туку земете здив и истегнете се. Ќе добиете сосема ново чувство на зголемен простор во телото и ќе се чувствувате полесно, а и ќе ја подготвите мускулатурата за кафето и за претстојниот ден.

DVD вежбање

Дали големиот LCD екран го набавивте за гледање турски серии, додека грицкате чипс? Набавете си ново DVD со вежби по ваш избор и поканете пријател/ка на заедничко вежбање полно со забава и смеење. Луѓето што вежбаат во друштво покажуваат подобри резултати заради извесна доза на здрава компетиција.

Градинарете

Дури и во намалото станче сигурно постои сончев прозор кој е перфектен за малку зеленило. Во мали саксии насадете босилек, оригано, магдонос. Прекрасно хоби кое ќе и даде свежина на вашата кујна. Готвењето со повеќе зачини, ја намалува потребата од сол во јадењето.

Вода нон-стоп

Едно пластично шише кое постојано ќе биде покрај вас полно со вода, во голема мера ќе ја зголеми количината што дневно ја пиете и ќе ги „измие” токсините од телото. Додадете парче лимон за ектра освежување и имајте го најефтиниот и најдобриот пијалок.

Трипл бенефит

Физички активни, заштита од алергии и прави доманинќи… Се знае како, со генералка по дома. И чистењето претставува физичка активност, па ќе ви согори ектра калории, а домот ќе ви свети како од каталог.