Соодветна хидратација кај професионални спортисти и рекреативци

Се чини дека постојат многу забуни околу правилното дозирање со течности за да се одржи телото во хидрирана состојба. 

 

Најпоставуваните прашања кои ги добивам од спортистите во мојата кариера со спортска нутриција се токму на оваа тема и тоа: “Колку вода треба да пијам?”, “Дали 8 чаши дневно се доволни за оптимална хидратација?” и “Дали треба да ги надоместиме изгубените електролити?”

Правилната хидратација на телото е многу важна, бидејќи го одржува волуменот на крвта во нормала. Со одржување на соодветниот волумен на крвта, црвените крвни зрнца поефикасно пренесуваат кислород до мускулите, нутрициенсите се расптространуваат низ целото телото, а отпадните материи како јаглерод диоксид се чистат од телото. Ова јасно ни покажува дека хидратацијата е неопходна за телото, но уште поважен е начинот на кој што ние се хидрираме.

Според мене, старото правило да се пијат 8 чаши вода на ден е премногу генерално, па затоа количината на вода која што се внесува на дневно ниво треба да биде во согласност со дневните активности, климатските услови, храната и некои други фактори.

Кога се потиме додека вежбаме, нашето тело освен вода губи и електролити како натриум, магнезиум, јод и калиум. Бидејќи електролитите му помагаат на телото да ги задржи течностите и да превенира мускулен грч, неопходно е да се надокнадат особено ако сме инволвирани во некакви физички активности кои што траат повеќе од 90 минути.

 Прашањето што следи е како да се надополнат истрошените електролити? 
Спортските напитоци се најголемите комерцијални успеси во спортската нутрициска индустрија кои што станаа неизбежни на спортската сцена. Идејата за спортски напиток е одлична, бидејќи првично е создадена за да ги надополни загубените електролити кај спортистите на брз и ефикасен начин. За жал, повеќето комерцијални брендови користат премногу рафиниран шеќер, вештачки бои и вкусови, нешта што НЕ доведуваат до одлична изведба кај спортистите.

Основна, а сепак многу поздрава верзија е кокосовата вода. Поради тоа што е полна со електролити оваа вода со декади се користи во тропските регони за да се одржи телото хидрирано. Уште подобра опција е ако си направите свој спортски напиток, како на пример овој брз и лесен рецепт:

Лајм во кокосот (Put The Lime In The Coconut)

  • сок од 1 органски лајм
  • 2 шолји чиста кокосова вода (може да користите и изворска вода)
  • 2 урми
  • 1 лажица див мед
  • 1/2 лажиче суви морски алги
  • прстофат морска сол
  • 1 лажиче ладно цедено кокосово масло

1. Ставете ги сите состојки во блендер и пасирајте ги додека не добиете хомогена смеса.

2. Истурете ја течноста во шишенце за вода и слободно можете здраво да го хидрирате вашето тело!