Зошто мајмуните немаат мускулни грчеви?

А вас со првото пуштање нога, ви се згрчува мускулатурата и не можете да се изнатрчате на раат… во бананите е одговорот.
Да не се задржуваме на мускулната физиологија, сè што треба да знаете е дека ако немате доволно калиум во организмот, настанува пореметување во размената на електролити помеѓу клетките и нивна несопосбност за правилна релаксација.
Манифестацијата е болен грч во еден или повеќе мускули, кој исчезнува за некое време, но од како ќе ви го уништи целото задоволство од тренингот.
Со правилна и избалансирана исхрана можете да ги поправите нивоата на калиум, секако доколку за неговиот недостаток не постојат некои системски причини како заболување на бубрезите или дигестивниот систем.
- За почеток јадете банани. Тоа е едно од најбогатите овошја со калиум, а и добар извор на енергија;
- Колку повеќе различни овошја или зеленчуци консумирате, толку подобар извор имате на калиум, но и на ред други есенцијали;
- Оставете ја лушпата на младите компири, таа е скриен извор на калиум;
- Репките исто така изненадуваат со количината на калиум;
- Туната може да биде добар извор на овој минерал.
Адекватен дневен внес на овој есенцијален минерал е 4700 мг, но никогаш не заборавајте дека не смеете да внесувате огромни вредности на калиум (повисоки од препораките) бидејќи хиперкалемијата (високи вредности на калиум во крвта) е потенцијално животно загрозувачка состојба.
Затоа, умерено и тамам.