Активни и здрави наместо дремење пред компјутер

Во последнава декада, децата минуваат многу часови пред компјутер, наместо да се занимаваат со активности надвор од домот. Познато е веќе дека неактивноста води до влошување на здравствената состојба. Затоа, редно е како родители да направиме нешто и да го смениме овој технолошки “тренд”.

Охрабрувајте ги децата за потешки физички активности. Малите деца треба да поминуваат барем еден час на ден во физички актиности како скокање, трчање, качување, дигање, возење точак и слично. Мотивирајте ги вашите деца преку вашиот пример и играјте си со нив што повеќе.

Помогнете му на вашето дете да ја зголеми издржливоста. Издржливоста доаѓа со континуирано зголемување на напорот во одреден временски период. Некои деца природно се надградуваат, додека на други им треба дополнителна поддршка за да се напрегнат и да ги зголемат своите можности.

Кога вашето дете си игра со другарчињата, понудете им игри со кои физички ќе се размрдаат. Некои групни игри инволвираат висок степен на активност, додека кај други има повеќе чекање ред или пасивно гледање. За да ја намалите пасивноста поделете ги поголемите групи во помали за да го намалите чекањето.

Активности можете да имате и во затворен простор. Пробајте активностите околу учењето да ги претворите во активни прилики. На пример, кога го прашувате вашето дете што научило или прочитало на училиште, побарајте од него/неа да го одглуми одговорот наместо да го дискутира.

Вклучете ги сетилата на детето. Малите деца учат преку сетилата, па затоа земете ги во обзир активностите кои бараат нешто повеќе од гледање и слушање, за да се вкучат и сетилата за допир и вкус. 

Истражувајте ги физичките способности на вашето дете. Децата сакаат предизвици и нови работи. Како родители, некогаш се однесуваме презаштитнички кон нашите деца со што ја потиснуваме нивната желба за истражување и развој. Наместо да ги уназадувате, треба да ги охрабрите вашите деца да пробуваат нови предизвици. 

Детето лесно ќе го одржите активно, а притоа ќе му овозможите активен и здрав живот за во иднина. Воедно, заедно ќе поминувате повеќе забавни и квалитетни моменти.