Леблебија ипол

Од мистичната кујна на истокот, уште од турско на нашиве простори па се до ден денес  печената леблебија се наоѓа на грицкачкото мени. Но разберете, леблебијата не е само за со пиво, има и нешто повеќе.

Првата причина зошто веднаш да почнете да го применувате наутот во вашето секојдневие е богатството од диетални влакна кое го поседуваат. Содржат два типа на диетални влакна од кои едните се солубилни и се поврзуваат со намалување на холестеролот.

Вториот тип на диетални влакна се несолубилни и минуваат брзо низ дигестивниот тракт. Крајниот ефект и на двата типа на диетални влакна им е регулација на столицата. Со само 100 грами наут можете да внесете дури 68% од дневните потреби на диетални влакна.

Уште еден голем бенефит од леблебијата е неговата протеинска содржина. Содржи поголем број на аминокиселини, основната градбена единица на протеините, па за многу вегетаријанци е погодна замена за месото, а кај веганите дури замена и за млечните производи.

Оваа легуминоза е многу добро расположена кон сите кујнски вештини, може да се пече, вари, да се јаде како манџа, фалафел, во салата, како грицки, со зачини и без, во вид на намаз hummus и уште многу други начини, само дозволете ѝ на имагинацијата да проработи.