Маљовица

Musala Meteo Station Eвала на прогнозните данни на колегите Руснаци, – днес 24 май,осъмнахме с точно 5 см. Нов сняг ще се карат ски от върха до леденото езеро днес… Тоа беше последната информација за времето на Рила, но сепак купив карта и заминав.

Андреј ме пречека во Софија и веднаш се упативме кон Маљовица. Се немавме видено одамна па, и покрај непроспиената ноќ не престанавме со разговорот се додека пред нас не се исправи Рила..Трперев целата од гледката која беше зачинета со Висотски.

Низ Самоков, с.Говедарци до ЦПШ, планината изгледаше се помоќно. Насекаде блескаше сонце освен над неа, таа имаше шлаг од густа магла над себе. По некое време во кола се слушаа само нашите воздишки и трескањето на колата во дупките. Се натовариме како магаренца, потежок ранец ми се чини никогаш не сум носела.

До планинарскиот дом се движевме полека и за околу час и половина бевме горе. Гледката сеуште не ветуваше дека ке може да качуваме. Иво веќе беше таму и воздржано ни раскажуваше дека изминатата вечер шаторот го местел цели 2 часа.Ветерот не стивнал цела ноќ на што се уверивме и ние вечерта. Влегов внатре да се стоплам, кога по неколку минути Андреј ми тропна на пенџерот со насмевка..Одиме!

Се појави некое прозорче од сино небо. Малиот ранец со само опрема за качување во него ми се стори како да можам да летам нагоре.И навистина брзо се движевме, за помалку од 2 часа бевме по Еленин врв. До таму беше променливо, и кога го прашав Андреј што ќе качуваме тој само се насмевна. Погледот фасцинираше, од горе Пирин ни беше како на дланка, пекна сонце, немаше ни траг од облак.

Андреј ја предложи насоката Соло и редоследот да биде тој па јас во водство. Велеше дека втората должина е најубава и затоа со радост ќе ми ја препушти, и се покажа така за мене.На почеток има мала дијагонала и без клинови а на делови многу влажно. Чокови и френдови почнаа да тропкаат,а нам долу сонцето ни се скри.  Ни пристуде многу.Ехо од Пу и Пу Пу.. ете не на сидриште. Ајде Танче беше охрабруваќи но јас рацете веќе не ги чуствував од ладно. Го прашав Андреј која е линијата зашто пред тоа не видов ни опис од насоката а тој само ми се насмевна во него стил и ми рече… ее логична е ќе си ја најдеш.

 

Тргнав нагоре со се на себе, да можев и една печка на грб ќе си ставев. Френдови и чокови редев во секоја пукнатинка.

Ветер имаше постојано но стануваше се посилен, кога погледнав нагоре веќе беше мрак над нас.  За многу брзо се смени времето. Чуството кога ќе го видите првиот клин во некоја насока е убаво но тука бев воздржана, многу повеќе им верував на моите поставени точки. Клиновите во насоката се од оние вертикални клинови бугарски кои ние ги имаме на Матка но на некои од нив ушките им се имаат откшено (исправете ме ако грешам) а другите се со алки многу корозирани. Кога некој од вас би одел таму му советувам да си носи сопствено обезбедување (знам дека секогаш го имаме).

Минувајќи низ жлебот се префрлив во десно на плоча фино мазна каде почна да врне град. Само секунда пред тоа си помислив гледајќи ги тешките облаци над мене да не заврне дожд. Не дожд но град, да и тоа ситен.Кога погледнав кон момците надолу тие го игра танцот на студот. Стигнаа до мене скаменети од ладно. Наоколу беше се во магла,се почуствував како да сум над 3000м.н.в. Не би можела да го опишам чуството измешано од болка од смрзнатите екстремитети и на среќа која се гледаше во очите на сите нас. Долго се познаваме со Андреј и ми е еден од најдрагите луѓе во животот,од кога го запознам многу работи во мојот живот се сменија и научив да се радувам на мали нешта. Долго зборуваме дека сакаме да качуваме заедно и тоа конечно се случи. Иво сега првпат го гледам но како долго да сме дружеле,неговиот хумор при качувањето го вадеше најпозитивното од мене.

Може доколку бев со други луѓе во истите тие услови, мојот начин на качување, мојата концентрација ќе беа сосем поинакви. Толку се чуствував сигурно и благодарно што сум таму. Трета должина се натегавме со Андреј кој е помалку премрзнат да ја води. На рачен часовник покажуваше 5 целзиусови степени а ветрот бесе некаде околу 60-80км/ч. Собирајки ги двете 60м јажиња кои тежеа во тој момент за мене многу и неподвижната позиција што ја имав на стапалата следеше со тоа Андреј да ја имаа таа привилегија за водење.  Гледката се затвори и од горе и од долу, карпата влажна, ние скаменети а Иво не престанува со својот хумор. Колку е само добредојдено во такви ситуации, барем за мене. На исфрелениот гребен од должината само погледнав надолу и сега ми е навистина криво зашто не го овековечив моментот.

Иво беше една плава точка во белата магла и само влажната карпа пред него.Како сега да ми е пред очи, но тој ме замоли да одам само брзо и исто толку брзо да го обезбедувам од горе.    И мене ми беше студено а и вадењето на апаратот би било време плус за него во фижидер. Излезот од насоката е на самиот врв Еленка. Горе за момент се смири, дури и чудна топлина не обзеде но веќе кога ги спакувавме ранците и почнавме по гребен да се движиме ветрот зафучи повторно, на моменти ме туркаше што клекнував и се придржував на камењата од земјата.

Полека стигнавме до превојот и во завет. Ох колку бевме сите задоволни. Надолу секој со своите впечатоци ,секој во својот свет се движевме кон домот. Долу едвај чекајќи да седнеме на клупите не израдува дожд кој траеше до доцна вечерта…Секако ние со полна душа си уживавме во домот со домаќинските песови Кари и Бас и мачорот Бајо..кој ги видел знае какви прекрасни суштества се тие и како царуваат во Маљовишкиот регион. Незаборавно искуство, на прекрасно место со уште попрекрасни луѓе. Благодарам за се и се надевам на уште многу вакви дружби. Ах да.. се извинувам на Андреј за сите удари од ветрот во шаторот, сепак девојчињата бираат први место.