Предлог за слатко и здраво утро

Ако сè уште си немате создадено некоја здрава утринска навика, редно е да се откажете од преполните шолји кофеин и да му приредите генералка на вашето тело.

Циметот и медот се нераздвоива комбинација која ни ги заведува сетилата за мирис и вкус во ладните зимски денови, но оваа комбинација е исто така моќен детоксикатор на организмот и затоа не треба да биде изоставена ни во пролет ни во лето.

Постои една стара формула за напивка која е многу лесно да се приготви, а можеби и некоја од нашите баби ја користела во својата разубавувачка рутина. Односот на мед и цимет треба да биде 2:1 (на две лажички мед, една лажичка цимет), циметот се зоврива со една шолја вода (250 мл), а кога ќе се олади се додава медот. Медот по правило се додава со дрвено лажиче и во изладената напивка, бидејќи во спротивно топлината ќе уништи многу од неговите драгоцени состојки. Детоксикаторот го пиете од сабајле на празен стомак, а се препорачува и ноќе, пред спиење.

Како всушност делува? Циметот внесен во организмот делува слично на хормонот инсулин. Овој хормон е одговорен за реглација на шеќерот во крвта, па се смета дека со редовно внесување на цимет ќе го зголемите и подобрите метаболизмот на глукозата повеќекратно. Исто така ја засилува и антиоксидациската моќ на организмот и ја забрзува дигестијата.

Со други зборови го поткренува целиот тој склоп на ензими што го имате во телото да функционира правилно и исполнително, па крајниот ефект е ослободување од вишокот.

Медот како мала слатка замена на простите шеќери ќе ви ја засити потребата за благо, подолго ќе се преработува и нема да посегнувате по нездрави десерти.