ENTER THE WILDERNESS-MARIOVO OFF-ROAD EXPERIENCE 2013:

Со велосипед низ Мариово

Мариово, дел од Македонија кој многу се споменува во пишаните и електронските медиуми, мислиш врвулица на луѓе има таму, но вистината е далеку од тоа, за жал или за среќа, запуштено парче од Македонија. 

Благодарение на Акциите како што е “MARIOVO OFF-ROAD EXPERIENCE 2013: ENTER THE WILDERNESS” организаирана од екипа на вљубеници во велосипедизмот, имав можност, да се запознам со Мариово на сосема друг начин од конвенционалната прошетка со автомобил.

Можеби импресиите и впечатоците би биле сосема поинакви кога тоа би било во периодот на високите летни температури, кога сонцето немилосрдно пече и ги обојува во злато полињата, а ги пресушува реките и потоците. Како и да е, несекојдневно доживување и возбуда во еден од најубавите месеци ни беше овозможено од организаторите на овој настан.

Обично секогаш бараме грешки на организаторот, причина некоја организирана акција да ја критикуваме, омаловажуваме (некој добронамерно, некој од пуста љубомора) и слично, и ете, немам што да кажам, не најдов ниту една замерка. За жал бев спречен (од понежната моја страна) да дојдам ден порано и да ја поминам вечерта во пријатно друштво (не дека сопругата не ми е пријатно друштво, но е премногу нежна за Camp Lifestyle).

Утрото пристигнавме околу 9:30 часот во с. Манастир и бевме пречекани од организаторот со напатствија за паркирање, и други инструкции. Околу се беше раздвижено, сите ги подготвуваа велосипедите за напорната тура, се поздравуваа и се запознаваа меѓу себе, разменуваа искуства со минатогодишните учесници во турата. Организаторот се потруди сите да не запознае и да не предупреди за тежината на турата, како и да не запознае со одредени технички карактеристики на патеката. Тука беше и штанд настрешница со веќе подготвени освежителни пијалоци за учесниците, и така нормално после сите овие информации, стартуваше и официјално рекреативно – велосипедскиот настан слободно можам да кажам на годината, акција која станува Бренд. Околу 200 велосипедисти тргнаа на освојување на Мариовскиот крај. Колоната стартуваше компактно, на чело со водачите, кои одлично ја водеа групата со темпо кое им одговараше на сите учесници. Првиот дел се возеше по асфалт до манастирот Свети Илија во должина од околу 7.5 км. околу 30 мин. каде што и се одвиваше централната прослава на Мегленско Мариовските средби. Овде добивме ужина и одморивме некои 15 минути. Уште еднаш овде беа предупредени сите кои не се доволно физички и технички подготвени за големата тура, да ја возат пократка тура до село Витолиште, па назад до с. Манастир.

Почетокот не беше воопшто тежок, време какво што можеш само да посакаш, сончево со темература околу 20 и нешто степени. Колоната на велосипедисти компактна. Од асфалтот полека се префрливме на селските патишта. Од тука веќе возењето беше малку поразвлечено, но сепак на одредени места водачите не прибираа како не би се растурила компактноста на групата. Крајоликот интересен, сеуште големи зелени површини, угорници, удолници, но сеуште на велосипеди, преминување на рекички, и прво големо собирање и поголем одмор во с. Градешница после изминати 28 км и 3:30 мин возење. Сред село коперација, а во коперација ПИВО и тоа не било кое него Крали Марко. Инаку селото е познато како селото на Итар Пео. После половина час групата веќе беше компактна и полека тргнавме натаму кон Зовиќ. Патот повторно нагоре надоле, пејзажите се заменуваа еден со друг, се додека не пристигнавме до најинтересниот и најживописното парче на мариово, селото Зовиќ, со легендарниот мост кој ја пречекорува Градешка река.

Овде се направени веројатно најубавите и најинтересни слики на турата. Никој не му оддолеа на местото. Наредниот пат кога ќе доаѓам овде нема да пропуштам и едно капење и целодневно излежавање на карпите. До Зовиќ веќе изминавме околу 42 км и останаа околу 10 км до Манастир, а по мое мислење тоа е и најтешкиот и најнапорниот дел од патеката со постојано искачување и често туркање на велосипедите преку стрмиот терен (а можеби затоа што се ближеше и самиот крај на турата). А и времето почна да менува, малку залади и пропрска со по некоја капка дожд, за среќа не се повтори ланската приказна со времето. Попатно неколку помали незгоди, паѓања за среќа без поголеми повреди, и после повеќе од 1:30 мин. возење, конечно стигнавме во Манастирот св. Никола каде беше организиран пречек на сите учесници со гравче и сокчиња.

Што да кажам повеќе за настанот, доволно е само да ги погледнете среќните насмевки на сите учесници на овој настан кој сигурно немаше да биде таков каков што беше, да не беше беспрекорната организација и пожртвуваност на екипата на Велоевропа и идејниот творец Слободан Трајковски алиас Касандар Македонски. 52 поминати километри, секој километар вреден за она што го видов, намалку 52 стекнати нови познанства, и 52 недели до наредниот настан идната година.

Линк до фото:

Статистика превземена од мојот GPS

Поминати км 51.7

Поминато време 6:59 часа

Време на движење 4:56 часа

Време на стоење: 2:03 часа

Вкупно искачување: 1369 м.

Мин висина: 576 мнв.

Макс. Висина 989 мнв.