Вежбајте заедно со детето преку игра

Малите деца имаат толкава енергија што тешко кој може да ги измори. Побрзо ќе се изморат родителите трчајќи околу нив, отколку тие самите. Од оваа ситуација како родители треба да го извадите најпозитивниот ефект со тоа што ќе им се придружите во играта. 

На крајот од денот исходот ќе биде 100% позитивен, вашите изморени и среќни дечиња слатко ќе заспијат, а вие ќе имате повеќе време за себе, ќе бидете фит со тоа што сте потрошиле екстра калории и подмладени со тоа што повторно сте се забавувале како дете, а воедно ќе поминувате и повеќе заеднички мигови кои се круцијални за зацврстување на вашиот меѓусебен однос.

Доколку сте премногу зафатени доволни се и 15-30 минути игра со вашето дете, време кое би требало да можете да го издвоите вон секојдневните активности.

Играта сфатете си ја како тренинг за целото тело. Бидејќи детските игри немаат граници, децата навистина ќе ве изморат, но и вие нив, а притоа вашето посветено време и внимание кон децата ќе ви донесе многу смеа и задоволство.

Ние ви презентираме неколку вакви игри, но најважно е вие да бидете креативни и флексибилни според моменталните услови (дали можете да играте надвор или пак треба да останете дома).

Играјте и пејте рингераја: Оваа игра би требало да ви биде позната, бидејќи најверојатно и вие сте ја играле кога сте биле мали, но секогаш можете да ја зачините со некој нов елемент.

Држете се со вашето детенце (едно или повеќе, без разлика) за раце, пејте ја песничката, скокајте и трчајте во круг. Пред да паднете на земја, вие можете да додадете еден успорен чучањ, а можете да го искористите моментот за да направите и повеќе пред детето да ве повлече за уште една песничка. Продолжете со оваа игра додека не опадне интересот на вашето дете или додека вие не се уморите од повторување на песничката и од паѓањето на земја.

Ползете како мечка: Покажете му на вашето дете како се ползи како мечка. Со вашиот задник во вис, колената опуштени, вашите раце на земјата во ширина на рамената, се движите со тоа што ги припивате колената кон стомакот. Направете трка од крај до крај на собата или дворот или пак бркајте се околу некое дрво.

Одете како рак: Покажете му на вашето дете како се оди како рак. Легнете на грб, а потоа подигнете се на раце и на нозе во форма на мост. Нозете нека ви бидат свиткани под 90 степени од подот. Во оваа позиција можете да се бркате или да се тркате, надвор или во вашиот дом. Играта, а воедно и одлична вежба, ќе ги активира вашите стомачни мускули и трицепсите.

 

Глумете дека сте чајник: Оваа активност не е интензивна, туку ќе ви послужи за истегнување и за одмор.

1. Чучнете малку со споени нозе.
2. Едната рака свијте ја позади грб (за да го истегнете едното рамо).
3. Другата рака дигнете ја над глава под агол од 45 степени со дланката надолу.
4. Истегнете ги страничните мускули на трупот кога се наведнувате на страната од истегнатата рака.
5. Потоа ги менувате позициите на рацете за еднакво да ги истегнете двете страни.

Со оваа вежба за истегнување можете да си измислите и интересна песничка во контекст на чајникот.

Играјте брканица: Дечињата уживаат кога трчате по нив. Бидејќи и онака се преправате дека трчате со полна брзина за да ги фатите, искористете ја оваа можност за да правите ситни и брзи чекори додека ги бркате. Оваа вежба ќе ви дојде нешто слично како боксерски степ. За да ја разбиете рутината можете исто така да ги бркате и со скип (трчајте со подигање на колената).

Смирете се со истегнување: Децата сакаат да ги имитираат родителите, па затоа овозможете им по играта да се смират со истегнување на целото тело. Притоа, објаснувајте му на детето кој дел од телото го истегнувате во моментот.

Дозволете вашето дете и имагинацијата да ве водат додека си играте заедно. Наредниот пат кога ќе се фатите себеси како седите и пасивно ги гледате децата како си играат, скокнете и придружете им се. Дефинитивно ќе се подмладите и ќе бидете посреќни!