Направете мали промени за поздрави идни генерации

Дали некогаш сте се запрашале што вие би можеле да направите за да го подобрите и продолжите животот на вашите деца? Провокативно прашање за кое не треба да ги обвинувате надворешните субјекти, бидејќи моќта е во ваши раце…

Иако квалитетот на образовниот систем и условите за работа се важни за школувањето и иднинината на вашите деца и не треба да се изостават доколку им треба промена, никако не треба да се заборави и на нивното здравје кое доаѓа со здравата исхрана и пред сè со физичката активност.

На сите ни е познато дека светот сè повеќе се соочува со деца кои имаат прекумерна тежина, а минорни се промените кон отстранувањето на овој важен проблем. Со тоа се зголемуваат и здравствените проблеми кај децата што е поразителен факт за сите луѓе на оваа планета земја.

Како родители, прво вие треба да бидете личностите кои се бават со физичка активност, бидејќи претставувате главен модел по кој се огледуваат децата. Тоа нека ви биде составен дел од животот, стил кој неизбежно го подобрува севкупното здравје.

Второ, физичката активност треба да се инкорпорира во градинките и школите, секојдневно, под надзор на специјалисти по физичка култура.

Фокусот треба да биде на активното учество и на забавата која ќе ја почувствуваат децата со надеж дека љубовта кон физичката активност и спортот доживотно ќе се вгнезди во секое дете.

Многу родители се тешат себеси со дезинформацијата дека ако нивните деца се слаби тоа значи дека се и фит, наместо да ги станат од стол, да го исклучат телевизорот, да им го сокријат далечинскиот управувач, игриците и конзолите и да ги извадат надвор на кошарка, фудбал или било која друга физичка активност.

Бидејќи вие ја имате моќта да направите промена за идната генерација. Можете и морате! Па затоа редно е да почнете со промените кои секое дете ги заслужува.

Сè додека физичките активности не се воведат како секојдневна рутина во школството, вие не треба да ги чекате промените, туку веднаш да почнете да делувате. Седењето и цупкањето во место е последното нешто што треба да го правите. Не чекајте и не потпирајте се на туѓа помош, бидејќи вие самите ја имате моќта за промена, особено кога се работи за вашите деца, за нивното здравје и за нивната подобра иднина.

Добар начин да започнеме е да ги вратиме уличните игри во секојдневието на децата. Сте се запрашале ли некогаш зошто воопшто престанаа да се играат овие игри? Како можевме да дозволиме нешто толку забавно и едноставно и толку есенцијално за здравјето на нашите деца да избледе во минатото?

Овие теми се навистина комплексни и може да се филозофира уште многу, но активните игри не мора да бидат такви. Едноставните работи се вистинските работи со кои треба да биде исполнето едно среќно и здраво детство. Едноставно… како дување балончиња во кружна жичка потопена во сјај и вода или пак криенка, шутирање топка или бркање балончиња…

И сега, кога би можеле да направите едно нешто за да го подобрите здравјето на вашите деца и на секое дете во нашата земја, што би било тоа??

Во прилог ви се сите активни игри на кои ние налетавме и ги документиравме баш за да се подигне свеста на луѓето и да се вратат игрите назад на улиците како некогаш… не поради носталгијата, туку поради сериозната потреба од психофизички здрави идни генерации!