Кулоар Y на Лешница (видео + текст)

Локалитетот Лешница, сместен во срцето на Шар Планина, покрај тоа што е еден од најубавите предели на планината нуди и одлични можности за квалитетен високогорски и алпинистички зимски тренинг.

Во 80-тите години е веројатно главната база за зимски подготовки на македонските алпинисти пред заминувањето на високите светски врвови, а денес некако подзаборавен со едвај по некое искачување во неколку години…

Желбата да качуваме на Лешница постоеше одамна, но сега се создадоа услови истата да се реализира. Во прибирањето на информации многу ни помогнаа некои од постарите алпинисти, па ‘наоружани’ со доста опрема појдовме од Попова Шапка уште во среде ноќ со цел да бидеме на Лешница околу изгрејсонце. Сето тоа поради исклучително топлото време невообичаено за месец февруари.

Бидејќи ова беше наша прва посета, се одлучивме да го качуваме кулоарот „Ипсилон“ преку левиот крак-излез како една од помалку деликатните насоки во овој локалитет. (пронајдовме информации дека оригинално се нарекува „Паралелен“ и за прв пат е искачен во зимата 1981/82 година).

Условите за искачување беа солидни, со што проценивме дека е подобро да започнеме да качуваме ненаврзани во пониските секции и така продолживме до самиот излез. Наклонот е константно околу 40 степени, со кратки скокови до 80 степени. Од насоката излеговме во 9 часот по точно два часа качување, и донесовме одлука да продолжиме кон Титов Врв по гребенот од север, враќајќи се потоа кон Шапка преку Бакардан и Церипашина.

Се` на се`, 15 часа квалитетен тренинг во силно темпо – со посебен респект за Ана како единствена девојка во групата и веројатно една од ретките жени што имале прилика да качуваат на Лешница.

Во прилог едно убаво видео од искачувањето, што се надеваме дека ќе придонесе за повторна популаризација на овој локалитет помеѓу планинарите и алпинистите.

Екипа во состав: Никола Андоноски, Саша и Ана Грбиќ, Александар Кирковски