ФИС Сноуборд Куп – Попова Шапка 2014 (видео)

Овој викенд (01 – 02.03.2014) на Попова Шапка се одржа „ФИС Сноуборд Купот 2014 ˮ, во организација на Сноуборд Клубот Полар, Скијачката Федерација на Македонија, Елем Турс и Ски Центарот Попова Шапка. Овој настан е дел од календарот на Светската Скијачка Федерација – ФИС и се одржува по 16-ти пат во нашата земја.

Натпреварувачи од Македонија, Србија, Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина и Чешка си ги одмерија силите на патеката Ајдучка рамнина. Првиот натпреварувачки ден помина во одлична атмосфера и релативно добри временски услови, а учесниците се натпреваруваа во дисциплината Биг Ер. Нашиот тим, заедно со skimacedonia.mk беше на лице место да документира дел од интересните скокови кои ни ги понудија младите натпреварувачи. 

Во машка конкуренција првите три награди ги понесоа натпреварувачите од Бугарија и тоа првото место му припадна на Петар Ѓошарков, второто на Георги Георгиев и третото на Митрев Симеон. Додека во женска конкуренција најдобро пласирана беше Леа Југовац од Хрватска, веднаш по неа чешката натпреварувачка Станислава Славовова и со третото место се закити Паола Блашкович од Хрватска.

Наш најдобро пласиран натпреварувач беше Иво Коршуланин со освоено 10-то место, а потоа следуваа Бојан Андонов и Марко Пајковски. Поради проблеми со повредата на коленото, Давид Малинковски се повлече од натпреварувањето по петочниот тренинг.

За во неделата беа планирани натпреварувања во дисциплината Слоуп Стајл, но за жал поради лошите временски услови натпреварот беше откажан.

  • „И покрај огромните напори на организаторите и персоналот на скијачкиот центар Попова Шапка, неделниот натпревар во Слоуп Стајл не бевме во можност да го реализираме поради влошување на временските услови. Сепак имавме одличен прв натпреварувачки ден кој помина во одлична атмосфера, а натпреварувачите и организаторите се задоволни од одржаниот ФИС натпревар во Биг Аир, бидејки оваа сезона ова е единствениот одржан натпревар од овој тип на Балканот. За потребите на овогодишниот натпревар Сноуборд клубот Полар постави Слоупстајл патека која и по натпреварот ќе се користи како промотивен сноу-парк “, изјави Кирил Насков од клубот Полар.

И покрај извонредно тешките временски услови натпреварувачите два дена уживаа во убавините на Шар Планина и скијачкиот центар Попова Шапка.

На натпреварите учестввуаа 40 натпреварувачи од повеќе држави: Македонија, Србија, Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина и Чешка кои си ги одмерија силите на патеката Ајдучка рамнина (позната како „Пионир” или „Ге”). Нивните вештини беа оценувани од 5 судии– двајца од Македонија, и по еден член од Србија, Бугарија и Босна и Херцеговина.

Сите учесници на овие натпреварувања добија ФИС поени- бодови многу значајни за понатамошните меѓународни натпреварувања, а на победниците им беа доделени атрактивни парични награди. Наградниот фонд за победниците го обезбедија спонзорите ЕЛЕМ, Македонски Телеком и ЕВН.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија