Во Банско ќе се скија и во лето!

Како што тргнала технологијава веќе нема да ни бидат потребни временски прогнози за да одлучиме дали да скијаме или не. Отсега тоа ќе можеме да го правиме и на лето и тоа кај комшиите во Банско, Бугарија.

Претходнава година во ски центарот Банско беше изградена најголемата „сува“ (вештачка) ски стаза во источна Европа која треба да биде пуштена во употреба во потоплите периоди годинава. Ски центарот вложува огромни напори за издигнување на резортот на највисоко можно ниво, а воведувањето на скијачки потенцијал и за во лето беше само еден од многуте инвестиции.

Вештачката (сува) ски патека е изградена на горната страна од гондолата односно на Бандеришка Полјана и на неа ќе може да се скија и борда низ целата година. Ќе биде пуштена во употреба и подвижната трака кои ќе ги носи гостите до почетокот на падината од каде ќе може да искусат малку летно скијање. Падината е долга 100, а широка 30 метри со што има доволен простор за одредени скијачки тренажни процеси како и за рекреирање во текот на летниот период. До сувата ски стаза изграден е и тобоган од истиот материјал кој ќе биде наменет за занимавање на најмладата популација. За во иднина вакви вештачки патеки се очекуваат и на други локации на планината со што проектот ќе заземе поголеми димензии.

Летната сезона во Банско ќе трае од мај до септември, а отварањето е закажано за месец мај 2013 година. 

Ски центарот на нашите комшии константно и секојдневно го зголемува својот квалитет и прераснува во еден од најдобрите ски дестинации на Балканот, а и пошироко.