Наслов

Три сестри близначки промоторки на Виз Ер Скопски маратон

Во 2017 година промотoрки на Виз Ер Скопскиот маратон ќе бидат трите сестри близначки од Естонија, Леила, Лина и Лили Луик. 

Трите близначки се првото трио близнаци кои во историјата на Олимпизмот се имаат квалификувано и учествувано на Олимпијада (летна или зимска).

Пред 31 година, додека нивната мајка Леа чекала во таксито пред болницата каде се породила, нивниот татко ги носел кон возилото – едната, па другата, па третата. Таксистот искоментирал: "Дали планирате да ја испразните цела болница".
Сестрите Леила, Лина и Лили, родени предвремено (14 октомври 1985), во осми месец, не тежеле повеќе од 2кг и им била потребна дополнителна грижа особено во првите месеци.

Триесетина години подоцна, трите ја исполнија нормата за учество на маратонската трка на ОИ во Рио. Последна во низата влезе Леила Луиј на која се чекаше да ја исполни нормата на маратонот во Хамбург (истрча 2:42), бидејќи нејзините две сестри близначки веќе имаа истрчано под олимписката нормата од 2:45. Тие три се воедно и единствените три девојки од Естонија кои имаа исполнето норма за Олимпискиот маратон во Рио.

Најдобри лични постигнувања во маратон:
Леила: 2:37.11;
Лина: 2:39.42;
Лили: 2:40:30

Коинциденција или не, редоследот на тоа која има најдобар резултат во кариерата соодветствува со редоследот по кој се родени.

На Олимпискиот маратон во Рио, Лили заврши со 2:48, Леила со 2:54, додека Лина не успеа да финишира. Сепак ова трио близначки беше најозборувано во најавите за Олимпискиот маратон.

И покрај тоа што подоцна имаат почнато да се занимаваат со атлетика и маратонско трчање (на 24-години), тие се вистинска инспирација за една мала земја како Естонија, која нема некоја впечатлива традиција на маратонско трчање, а особено не во категорија кај дамите. Доказ за тоа се и неверојатнот број од 10.000 учеснички на женската трка во должина од 7км која се одржа во Талин порано годинава.

Да се надеваме дека нивното присуство на Скопски маратон ќе биде толку мотивационо и за дамите од Македонија да почнат помасовно да учествуваат на трките и рекреативно да тренираат и трчаат, бидејќи овие девојки се доказ дека никогаш не е предоцна да се стартува или да се напредува и постигне врвен успех!
Освен како атлетичарки, тие се и професионални хип-хоп танчерки и уметнички (Леила и Лили сликаат портрети, пејзажи, цветови и лебеди – инспирирано од нивното презиме кое преведено од Естонски значи "лебед").

28 Декември 2016

За авторот