Љубохта патуваше низ западната македонска трансверзала

Наслов

Љубох - прва награда за аматерско видео на ЕХО 2014

Приказна за една моја нова кованица и една постара планинарска трансверзала.

Коренот на љубох доаѓа од зборот љубов, каде што како суфикс му се додава извикот „ох“ за да се назначи благата компонента на мака. Во основа, зборот означува чувство на љубов/задоволство/топлина на душата или како сакате, на која што и` претходела извесна доза на мака, односно сме се помачиле/доживеале извесна болка за на крајот да го освоиме тоа драгоцено чувство. 

Љубохта се крие зад страданието на секоја пасија.

Во нејзина паралела, „Љубох“ претставува и кованица од Љуботен и Охрид, почетната и крајната точка на првата македонска и една од најтешките балкански планинарски трансверзали, западната македонска трансверзала, а воедно и инспирацијата и причината за формирање на љубох како збор и чувство. 

Ова лето после нејзини 40 години постоење направено беше нејзино повторување од страна на 15 македонски и еден холандски планинар водени од планинарските водичи Зоран Костадинов и Мијалче Божиновски од П.Д. Трансверзалец. Во текот на 8 дена групата се движеше низ повеќе планински масиви во западниот дел од државата и искуси една исклучително тешка, но неописливо вредна авантура, а помешаните чувства и љубохта беа константно присутни низ сите нејзини мигови.

Краткиот филм ја доби наградата за најдобро аматерско видео на петтото издание на ЕХО - фестивал на планински филм  каде што беше одбран од тричлена жири комисија составена од Влатко Галевски, Борјан Зафировски и Игор Анѓелков. 

Голема благодарност до екипата на ЕХО кои што овозможија и ваков елемент во фестивалот кој несомнено примами добра бројка на активни спортисти и љубители на планината да ги истурат нивните креативни канти на белото платно. 

06 Ноември 2014

За авторот