Човек „подморница“ од соседството – Интервју со Бранко Петровиќ

Ја имавме таа чест да направиме интервју со Светскиот и Гинисов рекордер во Статичка апнеа (статичко нуркање под вода без опрема) Бранко Петровиќ е дечко што моментално живее во Белград и освен надприроден капацитет на белите дробови константно ментално и физички ги предизвикува и поместува границите на човекот со водата. 

К4Т – Животот под вода! Кога и како започна сè?
БРАНКО – Сè започна во Црна Гора кога имав шест години и моите родители ми купија маска и пераи за да нуркам во морето. Потоа некако работите тргнаа по својот тек. 

К4Т – Колку нуркачки дисциплини постојат?
БРАНКО – Во нуркање без опрема постојат три базенски дисциплини и пет длабински. Во базените се мери колку долго такмичарот може да издржи без воздух (статика), колку долго може да нурка во должина без пераи (динамика без пераи) и колку долго може да нурка со пераи.

Во море се мери колку долго натпреварувачот може да нурне во длабочина со пераи, без пераи и со помош јаже каде си потпомага со рацете. А исто така постојат и уште две дисциплини во море каде се оди во длабочина со тег а се враќа со своја сила, и каде се оди во длабочина со тег а ве враќа балон или некоја екстерна сила. Значи важно е само да се издржи притисокот и тука се постигнуваат најголеми длабочини. Моментално официјалниот рекорд е 213 метри. 

К4Т – Како дојде до тоа да се насочиш сериозно на Статичка апнеа (СТА)? И зошто баш Статичка апнеа, си се пробал ли и во останатите дисциплини?
БРАНКО – Се пробав во сите дисциплини и бев национален рекордер во сите повеќе години по ред. Но бидејќи Србија нема море, а ситуацијата во Србија е тешка за тренирање морав да ги занемарам останатите дисциплини. Се надевам дека ситуацијата ќе се поправи и дека во наредните години ќе постигнам ист успех во сите дисциплини на нуркање без опрема.

К4Т – Кога почна да остваруваш високи резултати и со тоа да го собориш првиот Светски рекорд?
БРАНКО – Мислам дека беше во 2008 година кога го поставив првиот државен рекорд во Статичка апнеа со 5 минути и 40 секунди. А во 2011 година на Светското првенство во Шпанија (на Тенерифе) поставив и прв Светски рекорд со време од 9 минути и 32 секунди.

К4Т – Твојот последен Светски рекорд во СТА на Светското првенство во Париз овој јули изнесуваше 10 минути и 39 секунди, така ли е? Нè интересира каква е таа состојба и смиреност која настанува во тебе додека си под вода? Сигурно е тешко да се опише со зборови, но еве нешто близу до тоа…
БРАНКО – Мојот последен рекорд признаен од Олимпискиот комитет е 10 минути и 39 секунди од оваа година во Франција. Гинисовиот рекорд е поставен минатата година во Дубаи и изнесува 11 минути и 54 секунди. А моето најдобро време пред судии изнесува 12 минути и 11 секунди, но не се води како Светски рекорд туку само како Државен бидејќи немав судии од доволно висок ранг за да се заведе и како Светски рекорд. 

Навистина е тешко да се објасни состојбата под вода. Тоа е некое чувство на потполна смиреност, нешто помеѓу сон и јаве, но тоа убаво чувство трае само додека имам доволно кислород. Кога кислородот во телото ќе почне да опаѓа, тогаш започнува чувството во телото и во мускулите како при најтежок физички напор. А во последната фаза тоа чувство го снемува и само се обидувам да останам свесен и да не заспијам.

https://youtu.be/fkI5b4FbBMM width:635

К4Т – Во што се состојат твоите подготовки?
БРАНКО – Подготовките се комплексни и се состојат од повеќе циклуси што подразбираат општа физичка подготовка, тренинзи за издржливост без дишење и тренинзи за сила. На крајот имам насочени тренинзи во базен. 

К4Т – Каде е најпопуларен овој спорт, во кои земји?
БРАНКО – Моментално водечки земји се Јужна Америка и Русија, а ги пратат Франција, Шпанија и Италија.

К4Т – Кои се твоите следни предизвици?
БРАНКО – Ќе се обидам да ја одржам својата титула во Статичка апнеа и ако имам услови повторно да започнам да тренирам и во останатите дисциплини. 

К4Т – Дали некогаш си ја посетил Македонија и кои се твоите впечатоци?
БРАНКО – Македонија е преубава земја и често ја посетував во минатото. Дел од фамилијата ми живее во Скопје. Па на овој начин ги поздравувам ако го читаат ова интервју 🙂 . 

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија