И јас бев во Мариово

Веќе неколку години по ред, на последниот викенд во мај, мноштво убави луѓе имаат мал милион причини и никакви изговори да појдат и да уживаат во убавините на еден надалеку прочуен македонски регион на топлиот југ од нашата држава. Топло е кога ќе се каже – „И јас бев во Мариово”.

Мариово Офф-роуд 2015 from karas4training.com on Vimeo.

Како што кажуваат селектираните записи во малата тенка скрипта која Марио Шаревски ја изготви токму за овој убав настан, едно од најпрочуените преданија за името на овој предел во Македонија е приказната за преубавата Марија. Некој турски бег сакал да ја земе Марија во својот харем, но таа не сакала да се даде. После долгите натегања таа решава да го прифати предлогот но единствено под еден услов – да се стави крај на потурчувањето на целиот крај.

Договорот бил исполнет, а околните села биле спасени, за што населението во знак на благодарност го дава името Мариово.

Во текот на годините Мариово како една етно-географска целина со посебни творештва, фолклор, културни и природни богатства е еден од најнаселените региони во Македонија каде населението главно се занимавало со сточарство, земјоделие, шумарство и рударство. Многуте големи и мали села распослани по течението на реката Црна заедно со населението претставувале еден своевиден центар на македонштината со сите нејзини деликатни традиции, обичаи, преданија и убавини.

За жал, во последната четвртина од минатиот век, Мариово претрпува масовна миграција на населението каде за многукратно се намалува бројот на жители во селата кои дотогаш биле силни од секој аспект. 

Денес како и отсекогаш тоа плени со неговата чистота и убавина, а токму на послениот викенд во мај, малото селце Манастир е домаќин на една веќе одлична традиција која треба барем за момент да го живне овој убав регион. Фестивалот „Мариово Офф-роуд Експириенс” четврта година за ред ги врти педалите низ разните села со цел запознавање на луѓето со овој регион, уживање во него и запознавање на сите луѓе со нивните корени. 

Топло е кога ќе се каже – „И јас бев во Мариово.”

минатогодишната Разгледница

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија