Искрено и опуштено

Ден со Илина Арсова

Тимот на К4Т.МК организираше опуштена средба со Илина Арсова, првата Македонка која што го искачи највисокиот врв во светот во нејзиниот хостел IKAR Hut во Лагадин каде освен што го разгледавме просторот и разговаравме на многу теми, бевме активни со кајак и пливање во Охридското езеро.

Хостелот ИКАР е одлично адаптирана семејна викендица чие име е склопено од првите букви од презимето на фамилиите коишто ја поседувале, а воедно и како симболика на митологијата за Икар. Место каде што секој може да ужива во природа, уметност, прекрасен поглед и зајдисонца, спортски активности на Охридското езеро, планината Галичица и прошетки во околниот регион.

Илина нè пречека нерасонета, но насмеана, заедно со нејзиното слатко кученце лабрадорот Бран кој допрва ќе ги осознава планините со Илина, бидејќи пливањето во езеро веќе му е специјалност. Друштво ни правеше и долгогодишниот пријател на Илина, Илија Ристовски воедно наш многу успешен алпинист кој моментално работи на проект во африканската држава Сао Томе.

Пријатен амбиент, гостопримство и кратка прошетка низ куќата го обележа нашиот почеток на денот. Целата куќа со дворот и зелената тераса изобилуваат со уметнички дела, остатоци од материјали и реставрирани предмети кои што му даваат посебен шмек на местото. Собите се поделени по годишни времиња, а едната тераса служи и за спиење на отворено, под ѕвездено небо и звук на далги во позадина.

Илина освен што допринесува со својот уметнички дух, исто така ги стимулира гостите и пријателите што ја посетуваат да остават нешто свое во местото каде поминале убави заеднички мигови.

Освен реставрирање на стари предмети, органската бавчичка и одделот за органско ѓубре се одлика на ИКАР.

Но да се навратиме на муабетите што ги водевме со Илина. Со кафето, таа ни раскажа за своето патешествие до врвот на светот. Убавите моменти од дружбата со останатите членови од експедицијата, Шерпасите, секојдневието каде секој мора да се грижи за себе како во дамнешни времиња, место каде животинскиот инстикт за преживување и опстанок се доживува до крајни граници.

Моментите кога добивала инспирација за цртање, а единствено место за да ја оствари биле знамињта што ги носела со себе. Исто така, во осамените моменти ги испишувала сите имиња на луѓе и компании кои и паднале на ум, а некако и помогнале да го оствари ова достигнување.

Потоа се префрливме на зелената тераса, каде разговаравме со останатите луѓе во куќата, додека Илина си ги вршеше секојдневните обврски, неопходни за да се одржи куќата во најдобар ред.

Пројде половина ден, па решивме да довршиме со муабетот за Еверест додека пиеме домашно планинско чајче. Илина ни покажа неколку снимки од базните кампови на различна висина и променливите услови на Хималаите, како и прекрасните пејсажи од околните врвови. Моментите кога животот виси буквално на врвка, а прават да се сплотиш со природата и да почувствуваш најдлабока почит кон неа.

На крај од мирниот сончев ден, дојде време за малку активности и опуштање во Охридското езеро. Го земавме кајакот и се упативме кон плажата. Летово, кајак, кану, пливање и зајдисонца биле секојдневна активност на гостите во ИКАР, но и останатите содржини не биле изоставени како планинарење и возење велосипеди на Галичица, прошетки до главните знаменитости во Регионот, летање со параглајдери над Охрид, Преспа.

Извеславме до длабокото, пливавме, а на крај се опуштивме и со по едно пиво за да го одбележиме новото пријателство на спортските и опуштени души.

На здравје!

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија