Наслов

Александар Кирковски го искачи и симна Мон Блан за 6 часа

Оваа сабота на 05.08.2017 нашиот планинар и планински тркач Александар Кирковски од ПК Македон успеа да го искачи и симне највисокиот врв на Алпите - Мон Блан 4810 м.н.в за одлични 6 часа и 26 минути.  

Одличните резултати во полето на брзински високогорски искачувања за македонскиот планинар Александар Кирковски од ПК Македон продолжуваат со уште едно сериозно време направено на Мон Блан. Овој викенд, на 5 август тој успеа да го искачи и симне Мон Блан по класичната француска рута за фантастични 6 часа и 26 минути - рута која вообичаено се качува 2 до 3 дена.

Почетокот на искачувањето беше од последната станица на трамвајот Мон Блан - Нид д' Аигле 2372 мнв каде најпрво по каменест и технички терен се движи до планинарскиот дом Тет Рус 3167 мнв, па следи искачувањето на монбланската стена која се одликува со значителна стрмнина до домот Де Гуте 3815 мнв. Оттаму рутата продолжува по глечер до бивакот Валот 4362 мнв, откаде се пристапува кон сртот за врвот Мон Блан 4810 мнв кој е и највисокиот врв на Алпите.

Искачувањето започна во 5 часот и 10 минути наутро, Кирковски успеа да го искачи врвот за 4 часа и 8 минути и да го спушти по истата рута за 2 часа и 18 минути. Ова претставува кумулативно време кое ги вклучува и паузите за освежување и логистика.

Пред домот Де Гуте, на отприлика половина рута, Александар имаше една логистичка поддршка од Игор Јовановски од ПСД Макпетрол кој го снабди со потребната дополнителна опрема и течности.

Ова е втор посериозен резултат на Александар во брзинското искачување на повисоките планини оваа година откако во мај како дел од првата македонска екипа на Ред Фокс Елбрус трката, тој успеа да го искачи Елбрус 5642 мнв за 5 часа и 35 минути со што го постави и најдоброто време од еден наш планинар.

Искачувањето е дел од програмата на Федерацијата на Планинарски Спортови на Македонија, а подвигот, Александар и Игор го посветуваат на големиот пријател на планината кој прерано замина - Филип Чакаров. 

ГПС Запис

05 Август 2017

За авторот