Наслов

Решението од Барселона за чисто урбано живеење

Се викаат Суперблокови, можат да се применат во секој град и овозможуваат 94% од жителите да бидат заштитени од големи нивоа на ПМ честички, тие кои се многу застапени и низ нашите градови. Башка животот на жителите во суперблокови е многу поквалитетен а и економијата е подобра. 

Како и секој голем град, освен убавината на мноштвото можности за секого и огромниот спектар на различни доживувања, и Барселона е град кој си има проблеми со загаден воздух од огромниот број возила кои се движат низ него.

За да го решат тоа и да го направат градот едно од најубавите места за живеење во светот, тие во 2014-та создаваат урбанистички план кој е посветен на враќање на јавниот простор на своите жители и драстично намалување на возилата.

Проблемот од кој си патат скоро сите градови во светот е како град кој воглавно е направен од мрежа на улици, посветени доминантно на автомобили, да се врати и посвети на луѓето кои живеат во него? Велосипедистите, пешаците, јавните места за одмор, локалите и сè друго, сите се истуркани по краевите на улиците, оставајќи ги автомобилите да доминираат низ целиот град. 

Барселона во овој случај, во својот урбанистички план вклучуваат 300км нови велосипедски патеки, усовршен автобуски систем со лесен пристап до линиите и поголема фрекфентност, повеќе зелени простори... и суперблокови.

Овие последните се најдоброто решение кое воедно е и едно од најефтините за остварување.

Суперблоковите се сет од 9 блокови (маала или четврт?) во кои наместо целокупниот сообраќај да биде дозволен низ сите улици тој е дозволен само околу блоковите, а во внатрешноста - улиците се посветени само за локалното население. Брзината на движење е лимитирана на 10 км/ч., со предност на чистите начини на движење како велосипед и пешачење. Сите внатрешни улици имаат еднонасочни U правила на движење.

Сето ова овозможува да се намали големината на улиците, тие да се пренаменат за локалното население и да се создадат суперблокови – еден вид мини села во кои луѓето имаат простор и слобода на живеење со минимална застапеност на автомобили.

За подетален приказ, пуштај плеј на видеото подолу. 

Планот ќе го остварат во две фази:

Во првата фаза, која веќе се остварува во неколку делови од градот, максималната брзина на улиците во суперблокот е лимитирана на 20км/час. Оваа фаза може да се оствари релативно лесно, со мали трошоци, воглавно преку промена на сообраќајните знаци.

Втората фаза е поамбициозната. Со оваа фаза би се трансформирал градскиот живот и начинот на кој луѓето го користат јавниот простор. Паркирањето на возилата во внатрешноста на суперблоковите ќе исчезне (со изградба на гаражи) и брзината на движење на улиците ќе биде 10км/ч, што ќе им овозможи на луѓето да ги користат улиците за спортување, културни активности како отворени кина, играње и сл.

Со целосно остварување на двете фази низ градот, се предвидува дека 60% од патната површина која сега е целосно посветена на автомобилите ќе постане мултифункционална или без-автомобилска.

И би бил чист град, посветен на живеење наместо постојано возење низ него.

„Не е тајна дека добрите денови за автомобилите завршија, во 2009-та се случи пикот на возењето во светот и од тогаш бројката опаѓа. Автомобилите беа добра идеја на дивиот запад во Детроит 1905 година... Деновите на автомобилот како нешто наменето за секого се завршени.... Во густо населен град можете да стигнете секаде за брзо време со пешачење и возење велосипед.” – Јан Гејл, Дански урбанизтички планер.

12 Ноември 2016

За авторот