Природната воздушна покривка што го гуши Скопје

Температурна инверзија е природната појава која секоја зима се појавува на многу места како природен феномен. Таа природна појава има клучна улога за огромното воздушно загадување во текот на зимските месеци од годината.

Во случајот со Скопје како и другите котлински градови и нивната местоположба, котлината е заградена со планини и во ваква состојба зимно време често се создава воздушната покривка или температурна инверзија. Се задржува многу подолго бидејќи струењето на воздухот се искачува над планинските врвови, оставајќи го воздухот во котлината стациониран како под поклопец.

При температурна инверзија, доколку има населено место, а во нашиот случај за беља е главниот град на државата со преку 600 000 жители, целото загадување од функционирањето на индустријата, транспортот, домаќинствата, градежните активности и т.н. само се собира во котлината, не излегува надвор од “поклопецот”. 

Следното видео е одлично објаснување, чисто, научно, метеролошки со кое природната појава лесно може да се разбере.  

Зимно време согорувањата од градот од една страна се спречени да излезат од котлината, а од друга страна, бидејќи е грејна сезона, согорувањата се уште повеќе зголемени. Ситуација шах-мат за здравјето на луѓето што живеат во градот.

Ова воопшто не треба да се дефинира како “природна појава е и не може ништо да се превземе” туку, природните закони и лимити ги прекршуваме, загадувањето мора многу да се намали за да зачува здравјето на преку 600 000 жители. 

Задачата е комплексна и тешка. 

Но има и едно друго прашање. Како би можело таа температурна инверзија да се неутрализира и зимно време воздухот да не биде толку загаден?

Наидовме на една многу интересна патентирана иновација уште од 1972ра со која природната појава би се неутрализирала и смогот и загадувањето да се расчистат.  

Патентот со број US 3666176 A се вика “уред за соларна температурна инверзија” или “Solar temperature inversion device” а целото објаснување е на следниов линк

Во принцип се користат специфично дизајнирани балони во црна боја со димензии 30 метри на 15 метри и меѓусебно растојание од 30 до 60 метри. 

Балоните се поврзани со површината и се пуштаат до висина токму над маглата а бидејќи се црни ја абсорбираат топлината од сонцето, создавајќи поголема температура во околниот воздух со што се дестабилизира температурната инверзија.

Со дестабилизирањето, високите струи на воздухот се спуштаат подолу и ја расчистуваат воздушната маса, отварајќи ја котлината за сончевите зраци кои понатаму го затоплуваат најнискиот воздушен слој. Со тоа температурната инверзија се неутрализира и загадениот воздух излегува од котлината. 

Следно прашање, кои ќе бидат хероите кои ќе ја искористат оваа иновација за градот да дише?