Уживање во трчањето на трка

Наслов

Тренинг трка

Денес трчав полумаратон. Тоа веќе не е нешто ново,ниту пак е нешто чудно. Ова е веќе шеста година како трчам полумаратони и останати улични, планински и други трки.

Прв пат истрчав полумаратон во 2008 година во рамки на Скопскиот маратон. Тогаш и не знаев што значи полумаратон. Никогаш немав ни планирано дека некогаш ќе трчам, а уште помалку дека тоа ќе бидат долги патеки. Од моето искуство,мој совет е ако некогаш одлучите да трчате маратони, првиот пат да не се преоптоварувате со кое време ќе го истрчате вашето деби! А зошто? Затоа што,ако се заљубите во трчањето и редовно трчате и учествувате на трки, ќе имате многу трки кога ќе се борите да го подобрите своето најдобро време или модерно кажано - да направите свој личен рекорд!

Тоа беше случајот со мене. Првите неколку полумаратони едноставно си трчав и си уживав не интересирајќи се кое ќе биде моето време кога ќе го завршам полумаратонот. И така, после неколку трки, одлучив дека ќе биде уште поинтересно за мене и уште повеќе ќе уживам ако пробам на секоја наредна трка да го подобрам мојот личен рекорд и да се себенадминам.

Се разбира, скоро е невозможно на секоја наредна трка да го подобрувате своето претходно најдобро остварено време, но едноставно може да пробате! А најважно од се' ќе биде да уживате кога ќе трчате, независно дали тоа ќе биде ново себенадминување или т.н. рекреативно трчање. Јас како да заборавив на ова второто и затоа денес одлучив мојот тренинг да го вклопам во полумаратонот кој се одржа во чест на нашиот трагично загинат другар-маратонец, Горан Стојанов.

Со други зборови,одлучив да се потсетам како беше кога трчав на полумаратони и ги бодрев сите кои трчаат. Денес пак го направив тоа со огромно уживање. Се обидував при секој од 21 круг што ги истрчав да им довикнам на останатите учесници, да ги охрабрам,да ги мотивирам или да им кажам некоја шала за полесно да може да истрчаат или да си ги остварат своите лични рекорди оние кои имаа таква цел.

И навистина уживав во тоа. Едноставно, денес си направив одлична трка - тренинг во која не се борев со секундите и не сакав да трчам најдобро што можам. Тоа го оставам за следната недела кога на Љубљанскиот полумаратон ќе пробам повторно да се себенадминам и да ја завршам оваа година со моето најдобро време во кариерата. Искрено се надевам дека ќе успеам во тоа, но не можам да бидам сигурен. Она што можам да бидам сигурен е дека што и да се случи, јас ќе уживам во мојата најголема љубов - спортот и трчањето како дел од него!

19 Октомври 2013

За авторот