Подигнување на фитнес нивото пред скијање

Влезете во форма пред да застанете на скии

Ако имате во план да уживате во белиот спорт, бар уживајте го на раат и влезете во форма пред да застанете на вез. Сепак, скијањето е еден од спортовите каде не смее да постои зборот „несигурност“ бидејќи тоа може скапо да ве чини.

Како за почеток, најдобрата работа која можете да ја направите за себе пред да отидете на скијање е да бидете активни целата година пред тоа. Обидите да се вратите во форма неколку недели пред одморот не оди баш најлесно, па така полесно ќе ви биде доколку вашата спремност е веќе на ниво.

Како и да е, обрнување на внимание на специфична мускулатура во неделите кои претходат на оваа зимска активност е секогаш добредојдена. Потребни ви се неколку елементи. Силен и издржлив задник, подобрување на аеробниот капацитет и додатно активирање на мускулите на трупот.

1. Зајакнете ја задната ложа

Постои многу добра причина зошто скијачите имаат толку добро затегнати и дефинирани задници. Мускулите како глутеусите и целата задна ложа се тие што ве држат стабилни за време на скијањето. Затоа, немојте да се колебате да се ставите „под тегови“. Инкорпорирајте чучњеви, исчекори и мртви подигања со кои одлично ќе ја активирате целокупната ножна мускулатура.

 

2. Зголемете го аеробниот капацитет 

За скијање се потребни и издржливост и снага (повредите најчесто настануваат при умор). За да ги изградите и двете ставки, високо интензивните интервални тренинзи се одличен старт. Комбинирајте ги долгите трчања со кратки но брзи спринтови со што ќе го држите пулсот повисоко и правете силови вежби со специфични движења.

3. Обрнете внимание на мускулатурата на целиот труп

Балансот е битен дел од скијањето, а најмногу зависи од мускулите на трупот. Активирајте ја целата мускулатура, од предните и страничните стомачни со специфични вежби, внесете руско ѕвоно во игра и не заборавајте на изометричните вежби.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија