Наслов

УТМБ 2018 - Од желба и замисла до реализација

Седам во зачадена просторија на чинам четврти беше на Благој Давков и зјапам во отворениот лап топ додека паралелно размислувам дека конечно и финално треба да ги откажам цигарите. Надвор е лето а календарот вели некаде крај на јули или почеток на август 2014. Вртејќи со тоа тркалцето наидувам на објава која вели дека во некој предел на Прилеп се одржува трка во должина од 65 километри по име Крали Марко Треилс, и таа оди низ брда и планини, прашина и камења и сите фини и не толку фини атмосферски влијанија на the great outdoors. Одличен предизвик за тазе трансверзалец и некој што се обидува како со пенкало да го погоди копчето ресет. Четири години подоцна, текстов го пишувам како целосно позитивно променета личност, некој што го прифатил активниот начин на живот како секојдневие, а во меѓувреме се случија низа интересни работи... 

ЗМТ 2014

Не дека како дете не бев активен, ама во средно и накај факултет навистина затаив со спортот и рекреирањето. Освен некоја чат-пат планина и трчање не подолго од 4-5 километри на кеј со апсолутно никаква цел, се друго беше оставено на чадење цигари, пиво и сите нормални пропратни работи за млад човек кој расте во Скопје. 

Прв посериозен чекор кон нешто ново беше самата Западна Трансверзала во 2014 година која ми остави фантастично искуство и преубави спомени. Нешто што навистина секој од нас некогаш во животот би требало да проба да го направи. Целосно исклучување од секојдневниот хаос и споро но сигурно движење во ритамот на природата кое многу бргу те освестува дека ништо живо друго не ти треба. Единсветно ранчето, опкружувањето, малку храна и чиста вода. 

Годината како да наговестуваше промени, па после ЗМТ 2014 дојде ова со скролањево по интернет. Кликнав на сајтот, разгледав, малку размислив и се пријавив, а утредента веднаш платив 1000 денари котизација за трката која беше закажана за некој ран октомври. Бев убеден дека ако си платам, многу посериозно ќе си земам одговорност. Од денешна гледна точка сметам дека ова е клучно за секоја промена. Мавни го човек по џеб, па следниот пат и тоа како ќе се размисли. Па и промените кај нашите сограѓани не се случуваат толку силно и рапидно затоа што не подлежат на строги и јасни, секогаш почитувани казни и глоби. Се нешто се подмитува и не се почитува, ама ај да не го тупам.

Го контактирав брат ми кој ми даде едни патики за трчање по планина, нешто како за треил, Норт Фејс Хајаса, фантастичен модел кој уште не ми е јасно како не се скина на ниедно место откако падна во мои раце т.е. нозе. Додуша ѓонот мораше да си оди, но патиката беше маестрално направена. Чинам дека татко ми уште ги носи за на точак. 

Веднаш започнав со некакви тренинзи затоа што втората работа во која бев сигурен беше дека колку порано почнам со сериозни тренинзи, толку побрзо ќе ги откажам и цигарите. Така и беше, бидејќи овие две работи навистина тешко одат заедно. Се сеќавам на првите тренинзи на истата патека каде и ден денес најчесто тренирам. Долно Нерези - Дукино до бандерите на патот Пантеле-Средно. Еднаш се пуштив и до Крушопек, беше доцна и над патот и мојата глава летаа љиљаци. Фантастично искуство. 

КМТ 2014

Повторно на интернет и што да видам!!! Тројца наши, една девојка и двајца момци на почеток од септември 2014 ќе трчале некојси Ултра Треил ду Мон Блан во должина од 171 километар со скоро 10000 факинг метри денивелација. Си викам, колку ли е лудо ова. Па одма оди калкулација, јас се пријавив на 65х2, не 65х3, малку помалку од тоа. Хм, си велам, ај ја ова моево да си го завршам, па они нека му ја мислат. 

Сепак, бубачката како да беше веќе поставена. Многу моќно и привлечно ми звучеше толку откачена идеја, да отидеш со ранче и некои основни работи и да движиш со саати во планина незнаејќи што се може да те снајде. Па уште кога прочитав нешто повеќе, дека ова си го прават 2400 луѓе на трката, па си велам, ова е сигурно нешто многу нормално во оваа целосно одлепена земја. 

Јоцо, Жико и Светле финишираа успешно, а јас таа година мислам дека го пратев целиот УТМБ. Неколку недели подоцна следеше КМТ 2014 каде заедно со 50-тина други луѓе успеав да финиширам за точно 11 часа. Скоро без никаков посериозен тренинг, но со убава мотивација и желба да видам што ќе се случи. Се случи пекол во октомври, не сте осетиле таков пекол во октомври, чинам беше 14ти. Мајко, па викам ова ти е бетер од Намиб. Но во целата таа ситуација уште одма забележав дека уживам, и дека не го правам тоа со натегање. Едноставно ми се допаѓаше движењето, самоанализирањето, калкулирањето, себемотивацијата, па ми се допаднаа и слабите, тешки моменти. 

Шара

Дефинитивно не размислував за Мон Блан, но знаев дека ова е нешто што сакам да го правам на регуларно ниво, скоро секој ден. Така и беше. Следеше есен/зима, се запознав со поголем дел од екипата на Трекс и влегов во едно ново но фино пријателство со многу едноставни и скромни луѓе кои сакаат да трчаат, а понекогаш и организираат вакви настани.

Следеше Истра и мојата прва стотка за која морам да признаам дека солидно се подготвував. Веќе несомнено трчањето стана дел од мојот живот и го практикував многу редовно. Паралелно започна и Марти, а во екипата владееше одлична ултрашка атмосфера, која преоѓаше плафон кога одевме на трка. Следна беше Кортина и Лаваредо, па КМТ2015 и за крај преубавата Кападокија. Тврдам дека одењето на трка е еден од најдобрите начини за патување. Ем одиш некаде на ново место, па ем трчаш 60-100 километри кои инаку никако не можеш да ги посетиш. 

Лаваредо 2015

За целиот овој период до крајот на 2018 година, УТМБ, како некојси „свет грал” на ултра трчањето не беше често споменуван од наша страна. Патувањето до таму е скапо и знаевме дека единствен начин да отидеме беше групно како цел тим. Но и многу поважно, јас лично знаев дека таму се оди или спремен или не се оди воопшто, па на времето му дадовме време. Следеа доста трки на различни места и со различни друштва и пријатели кои донесоа драгоцено искуство и одлична припрема за она што не очекува. 

На крајот од 2017 година мислам дека спонтано и природно дојде моментот да се постави прашањето, дали правиме или не правиме екипа за 2018. Македонија е мала земја, а ултрашката сцена е еден голема еден грст, па во игра влегоа само неколку луѓе кои во тој период беа спремни за УТМБ. 

Јахорина Ултра

Жико кажа да, јас и Пирко бевме „за” уште од старт, Цицо се изјасни дека исто така сака да оди, а Симјаноски малку се помисли, но брзо сфати дека ваква шанса не се пропушта. 

Се пријавивме групно под еден тим за да имаме само две опции - или сите да одиме заедно, или никој да не оди, бидејќи ако се пријавевме одделно многу веројатно дека ќе испадневме распар. Некаде после Нова година следеше ждребот каде бевме избрани како единствени претставници од Македонија на УТМБ2018. 

Накратко ќе поминам низ подготвителниот период за трката. Зимата следеше стандардно база, низок интензитет со редовни и подолги тренинзи. Уживам трчање на снег, но честопати зимските услови се зезнати за тренирање на отворено, па мора да се биде упорен и високо мотивиран. Некаде на почетокот од пролетта бев презафатен со работни обврски кои ми го нарушија темпото за тренинг, а со Пирко уште зимата се бевме пријавиле на Истра 100 милји за да ја пробаме дистанцата пред УТМБ. На таа трка дефинитивно не бев во целост подготвен. Освен некои оскудни долги тренинзи, речиси и ништо повеќе да не сработив. Но си поминавме одлично, со Пирко движевме заедно и навистина уживавме во трката. Сите како да се брзаа, а ние држевме споро темпо и викавме „тек че да вам буде жао” што и реално им се случуваше.

Истра 100

Едноставно овие трки се предолги и мора да се биде внимателен. Не раздени во Бузет и од таму мислев дека ќе ја согазиме патеката. Но после Хум некако работата почна да чкрипи. Јас се откажав на 130 во Мотовун а Пирко ја заврши трката за некои 30 часа што е одлично време за трка со 167 километри и 7000 метри висина. 

Одморивме добро и веќе започнаа сериозните тренинзи. Го поделив календарот на два дела. Прв дел каде повеќе работев на забрзувањето со вметнување на пократки, интензивни тренинзи и подолги темпо трчања еднаш до два пати неделно, а остатокот беше лесни трчања на рамно - скоро без трошење на планински патеки. Тука финалниот тренинг на овој сегмент беше Витоша 100 - прилично рамна и трчабилна патека која ја завршив за под 11 часа.

Транс Гранд Шар Планина

Следеше јули и дел од август кои беа резервирани за посериозни и специјализирани планински тренинзи слични на теренот што не очекува. Мотивацијата беше на високо ниво, а одработив одлични блокови со поголеми висини. Отидовме на Трјавна во Бугарија каде одлично си поминавме, а шлаг на тортата беше 70 километарската Мала Шарпланинска трансверзала која воопшто не е наивна. Од Старо Село до Попова Шапка преку Љуботен, скоро цел срт на Шара, Титов врв и Вакаф. 

Сè на сè, мислам дека одработивме солидни тренинзи кои заедно со искуството што претходеше од изминатите неколку години ми даваа доза на сигурност иако на вакви трки никогаш не се знае што ќе те снајде. 

Да не должам многу, веќе патуваме према Шамони. Одиме две возила, ние петорица како тркачи, Марти со скршена нога како логистика, а од Рума, Србија требаше да го собереме нашиот пријател Зоран Прекогачиќ. Патот траеше ден ипол со едно кратко преспивање. Истиот помина без проблем, и веќе се најдовме во прекрасната и мирна долина на Шамони. Се сместивме во хостелот Алпен Роуз кај мистер Чо, смештајот каде и претходно нашите тркачи беа во минатите години. 

Победникот на ТДС - Марцин Швирц од Полска

Шамони зуеше од тркачка атмосфера. Целиот град беше преплавен со натпреварувачи и се беше во знакот на УТМБ и трчањето. Многу брзо се прилагодивме на така убава атмосфера. Имавме неколку дена за одмор и подготовки пред трката каде ги подигнавме бројчињата а и успеавме да фатиме неколку финиши на победниците на другите трки. Атмосферата беше лудило. Сите банери пред финишерската капија се направени од тврд матерјал, а публиката удира со рацете кога финишерите се приближуваат. Може да се забележат секакви возрасти, од деца од старци. Да се наежи човек колку луѓето го почитуваат и позитивно го прифаќаат овој настан и спортот воопшто.

Пред подигнување на пакети  

Веќе сме во гужвата пред старт, а дождот стабилно врне. Типично за Шамони. Атмосферата за некого е напната за некого еуфорична. Седиме и чекаме под еден балкон малку да преврне, додека најголемиот дел од тркачи не се мрдаат од закрчениот кордон пред капијата за старт, не сакајќи да го отстапат местото. Се мушнавме во претпоследните редови и едвај ја преминавме бариерата. Се поздравивме и си посакавме успешен настап. Започна Вангелис со „Конкуест оф перадајс” која беше многу лошо исфалширана од гитаристот. На кулминацијата на песната се означи старт. 

Македонскиот УТМБ 2018 Тим / Од лево на десно: Никола Цицоски, Александар Симјаноски, Игор Јовановски, Игор Пирковски, Жикица Ивановски

Цел град беше на нозе. Публика имаше дури до следното населено место ЛеЗуш, а бодрењето беше неверојатно. Навраќајќи се во мислите, можам да заклучам дека францускиот дел од трката е нешто што не може да се доживее на друго место. Имаат тие добра историја со вакви луди настани. Навивањето беше како на Тур де Франс, буквално од сите страни енергично те бодрат стотици луѓе. Во гратчињата и селцата кои беа контролни точки се случуваа карневали, журки и забави. Сите родители ги беа изнеле децата да гледаат, навиваат и учат. Ние, најобичните луѓе и тешки аматери за нив бевме најголемите херои. Скоро сите деца чекаа „да пукне” од луѓето кои тргнаа пешки околу Мон Блан.

Падна ноќ а јас се групирав со Жико и Пирко. Симјаноски имал уште во старт некои проблеми со стомакот, ни нагласи Жико, а Цицовски беше зад него. Се движевме пријатно и без поголем напор. После 40 километар веќе се оди во високите делови на Кол ду Боном. Температурата беше студена но пријатна за движење. На станиците правевме подолги паузи и често јадевме супа и чај. Веќе влеговме во една огромна „змија” од челни лампи, неверојатна глетка. 

Курмајер - на пола ама не се гледа крајот

Утрото према Италија почнав да почуствувам извесен замор. Иако успевав да се влечам на Жико и Пирко, некако се чуствував слабо. До Курмајер има три или четири сериозни брда кои не беа наивни. Последниот спуст пред 80 километар е направен за демолирање. Ние апсолутно немаме толку стрмни спустови. Пристигнавме на пола трка (80км со 4400м) за 13 часа и 20 минути каде бевме сталожени и можеби малку исплашени затоа што следеше уште потешка партија - 90км со 5600 висинска. 

Направивме голема пауза. Тука беше Марти да ни помогне, да не бодри и фотографира. Јадевме, се пресоблековме и тргнавме понатаму. Следеше утро под јужната страна на Мон Блан. Фантастично искачување до домот Бертон, прекрасен траверс за трчање до домот Бонати спроти страшните звуци на глечерите кои како да мелеа стакло во нивната внатрешност. 

Спуст за малку дробење до Арнува и од таму следи 1000 метри искачување до највисоката точка - Гран Кол Ферет - граница со Швајцарија. Тука некаде на пола веќе почнав да трокирам додека Пирко и Жико беа супер константни. Почнав да паѓам и психички. Едвај ја стигнав дебелката планинарка која беше со пет пати потежок ранец од мојот. Доста луѓе и ме помина. Некако издржав, а горе беше мраз. Северен ветер со многу ниски температури. 

Пирко на Шампе

Многу бргу го поминав превојот и почнав да спуштам за да изгубам висина. Откако стана потопло јас веќе бев уништен. 100 километар, а јас почнувам да тонам. На таа километража може да се каже и дека е очекувано еден ваков сериозен „даун”, само играта е како ќе го прифатиш и како ќе го решиш. Во почетокот многу брзо прифатив капитулација. Уште не бев ни стигнат во Ла Фули, сакав да се откажам. Некако се довлечкав до контролната и решив да направам пауза. Беше или џа или бу момент. Најдов нет и се контактирав со Мартина која беше во Шампе (наредна контролна) и со Јоцо кој беше во Скопје. Секако дека ме поддржаа и посоветуваа да оладам. 

Седев еден час. Ми беше сеедно и опуштено. Ги анализирав другите луѓе, нивните лица и изрази. Земав малку храна, повеќе чоколадо и решив да тргнам. Започнав да трчам и телото се врати во перфектна форма. Мотивација ми се зголемувашее, а останатите луѓе беа во многу полошо издание отколку јас, нешто што ми даваше сила. 

На Шампе се појавив како нов. Изедов се што можеше и на крај изедов уште малку од тоа благото со боровинки на слаткарот од Шампе. Овие трки воедно се и трки во јадење. Кој повеќе и поквалитетно успева да внесе храна и течност, тој е подобар. Од Шампе излетав за Триент. На качувањето стигнав еден куп луѓе, на спуштањето уште повеќе. Никој не ме престигна. До следната контролна сум поминал 130 луѓе што беше неверојатно, а и сум скратил бајаги од времето со кое Жико и Пирко ми бегаа. 

Шампе Лак

Марти ми кажа дека се на 20 минути пред мене. Следна мотивација беше да ги стигнам и да финишираме заедно. Тоа и се случи. Брдата и удолниците ги мелев како да сум почнал пред пола час. Гледајќи од сегашна точка, записот вели дека не сум бил толку многу брз, но сум бил значително побрз од останатите. 

Во Валорсин, Жико и Пирко ме почекаа 10 минути и оттука продолживме заедно. Веќе втората ноќ ја јадевме јако, а заморот си дојде спонтано и природно. Последното брдо е приказна за себе. Веќе бев на автопилот. Не внесував течност, нити јадев. Идејата беше само да се стигне до проклетото Ла Флеже откаде ќе се стркаламе до Шамони. 

Играта е брутална на крај. Навистина човек не може да го очекува тој финиш. Екстремно стрмна патека со корења и сериозни камења. А пазете, ние бевме по варијанта Б од патеката затоа што поради безбедносни причини варијанта А која оди до 2000 метри беше сменета. 

Фин

Нејсе. Мугри над Мон Блан и сите негови шилци од карши. Ние влегуваме во градот и полека одиме кон финиш. Не одминуваат тркачи но не е ни важно. И во 5 часот наутро на улиците има навивачи. Ја среќаваме цела наша екипа која не чека како единствени наши финишери за 2018 година. Го отвораме нашето знаме и сите заедно влегуваме во финиш. Патеката ја поминавме за 35 часа и 38 минути. 

УТМБ е една неверојатна авантура на која со вакво фантастично друштво, секогаш би и се враќал. 

Поминаа четири години откако немам запалено цигара. Поминаа и четири години откако започнав редовно да трчам. 

Голема благодарност до нашиот матичен планинарски клуб ПСД Макпетрол за поддршката, до Алгасан и Натусана Македонија, karas4training.com и сите оние кои не следеа и поддржуваа. 

п.с. Се надевам дека ова ќе мотивира што повеќе луѓе да вметнат некоја рекреација на редовно ниво во нивните животи. Истото не можат ни да замислат каде ќе ги однесе...

До следното читање т.е. трчање...

Игор

13 Септември 2018

За авторот