Наслов

Трчањето како моја терапија

Започнав со маратонското трчање во 2007-та година затоа што во краток временски период од шест месеци, човекот со кој се гледав ме напушти за друга жена, купив куќа (избрзана реакција) и мојот дедо почина. 

Со ова не се справив воопшто добро. Како што ѝ помагав на мајка ми да ја среди куќата на нејзините родители се најдов во ситуација да бидам премногу истоштена за да се помрднам и само лежев на подот и плачев. Мојата мајка ми предложи терапија. Јас се пријавив на трка од 10 милји. 

Тренирањето за оваа трка ми беше мојот вентил. Кога трчав, не постоеа телефони, текстови ниту мејлови. На патот, кризата од работа не можеше да ме стигне. Кога ги газев километрите на поројниот дожд, бев благодарна што врнеше бидејќи никој не можеше да познае дека плачам. 

Кога трчав, единствено размислував на трчањето: „стави ја ногата пред другата и згази го наредниот километар наместо да се грижиш за дистанцата која треба да ја истрчаш. До тогаш, имав направено неколку 5-километарски трки, но ова беше сосема поинаку. Овојпат трчав по осум, девет километри одеднаш градејќи ја мојата сила и брзина сè додека еден студен мартовски ден истрчав цели 16 километри (10 милји) и паднав во рацете на мојата мајка на крајот. 

Како што цветаше рецесијата, јас продолжував да трчам. Се обидував да не се секирам за сите работи одеднаш, зборувам за работата и за куќата, која набргу стана помалку вредна откога ја купив. Наместо тоа, трчав еден проблем по друг. 

Трчањето продолжува да биде мелем.

Поминаа година дена откако се раздвоив со дечкото со кого одев две ипол години, дечкото со кого мислев дека ќе се омажам. Додека си го пакував мојот живот и ги чистев сите мои траги од неговиот дом, земав копија од „Методот за трчање на маратон од браќата Хансон“ со мене. 

Методот, направен од браќата Кит и Кевин Хансон е многу напорен. Според распоредот требаше да трчам по околу 91 километар на неделно ниво. Сесиите со одредено темпо се протегаа по 15-тина километри. Првиот интервален тренинг дојде на шестата недела и требаше да истрчам повеќе од 11 километри во интервали. И тоа во сред недела. 

Не можам да го направам ова, си реков, и се одвезов до библиотеката, го фотокопирав распоредот и започнав да се спремам за маратонот во Њу Џерси, иако себеси си кажував дека не сум доволно добра за толку напорен распоред: премногу сум дебела, премногу сум спора, неискусна и ненаспана. 

Не застанав, завршував една вежба по друга прешкртувајќи ги тренинзите на фотокопираното парче хартија како што ги одминував. Бев стрвна за печење и болка во мускулите. Во исто време тоа беше мое каење за тоа што повторно не успеав во една врска, но и потсетник, дека да, јас сè уште живеам и можам нешто различно од тага да почувствувам. 

Одбивав да се повлечам на траката за трчање кога времето не беше добро и наместо тоа, трчав на студениот дожд. Кога не можев да си ја најдам зимската капа за трчање, трчав без неа на снегот, додека снегулките ме бодеа во моите очи. 

Добредојдено беше исцрпувањето од 30, 40, 50 милји на неделно ниво, затоа што тоа значеше дека наместо да се грижам за следниот ден и зјапам во таванот во 3 часот наутро, јас спиев, цврсто. 

Вежбањето по скршено срце не е нова идеја. Не е нова ни во моето семејство. Во 1998 година кога моите се разведоа, татко ми изгуби 10 килограми со самото тоа што одеше редовно во теретана. Вежбањето нè прави да се чуствуваме добро. Студиите покажуваат дека тоа ослободува ендорфини, ги зголемува нивоата на енергија и ни го подобрува расположението. 

За мене, полезностите отидоа далеку повеќе од само некоја хемија во мозокот. Трчањето ми ја олесни депресијата во исто време давајќи му структура на мојот живот. Тешката работа ме буткаше нанапред. Депресијата можеби се` уште ме следеше како мало облаче, но тоа не можеше да ме наврне кога бев во движење. 

„Од што бегаш (трчаш)?“ ме праша мајка ми една вечер. Се преселив кај неа привремено по раскинувањето. 

„Не“- ја поправив, „трчам кон нешто“.

Џен

Кога ја поминав завршната линија на маратонот во Њу Џерси минатиот мај се смеев, нешто што почнав почесто да го правам тој период. После тие долги, осамени милји на патот, започнав да се составувам назад. 

Се пријавив да трчам за друг маратон следниот месец. Повторно го користам истиот метод за вежбање маратон. Првата недела од тренингот започна во периодот кога требаше да се случи нашата венчавка. 

Сепак, предизвикот како да не е веќе ист. Како да ја загубив мојата алчност за „гризење“ на милјите. Малиот облак исчезна. Јас продолжив. 

Сега милјите се само милји и не сум повеќе алчна за болката. 

Тренинзите се сепак тешки: трчање со темпо по два часа, бескрајни интервали, и долги трчања во студените зимски утра. 

Трчањето ме одржува да се движам напред. Со нежно подбутнување наместо несмасно удирање, тоа ме води кон следното поглавје.

Автор: Џен А. Милер 

Извор

20 Март 2014

За авторот