Транс Гран Шар Планина 2018

Веќе го поминавме седлото под Среден Камен и сме високо на северниот гребен пред Титов Врв, на некои 100 висински метри под врвот. Часовникот покажува скоро 16 часа континуирано движење, а ние едвај успеваме да поставиме нога пред нога и да закрпиме здив со здив. Рејс пејс (темпо за на трка), на шега вели Жико, ова ќе ни биде рејс пејс на УТМБ. Ние сме под убав облак, а врвот е осветлен од пријатно сонце во заоѓање. Глетката на исток према местото откаде дојдовме е неверојатна и истовремено застрашувачка. А појдовме од Старо Село под Љуботен, одлична точка за фантастичен долг тренинг во природа. 

Неделата и викендот ми измина со прилично хаотични комбинации. Тренинг и истоштеност, свадба и мамурлак и припреми за моето второ минување на „малата” (воопшто не е мала), ама е само половина (од Шара) Шарпланинска Трансверзала – од Старо Село до Попова Шапка преку високиот гребен на Шара. Пешки, во еден маф. 

Оваа година конечно формиравме екипа за главната трка на Ултра Треил ду Мон Блан. Досега на истата, трка која се одржува од 2001 година, од Македонија имаат учествувано само пет наши луѓе. Трајче Панковски во 2012 финишира скратена верзија од 110км поради лошо време, Дејан Крле во 2016 се откажува поради настинка, а единствено Светлана Стојаноска, Јовица Јованчев и Жикица Ивановски во 2014 ја имаат завршено целата трка. 

Истата е со должина од 105 милји односно 171 километар и има околу 10000 метри денивелација. Стартува од Шамони, оди во Италија до Курмајер, потоа до Ла Фули и Шампе Лак во Швајцарија и завршува повторно во Шамони. И да сакам да ви објаснам колку е тоа за едно трчање, не знам и не можам, а и да можам, веројатно нема да ме разберете. 

Големи предизвици си бараат голема посветеност и желба, но и ред други работи во позадина. Ние ги фативме со ред. Иако сме аматери, тоа не значи дека не можеме да тренираме и да се спремаме за нешто големо. Јули ми беше одработен според мене во рамки на добри подготовки (можеби фалеше малку тренинг на повисок), но на крајот успеавме да го дочекаме викендот кога ќе отидеме на Шарпланинската Трансверзала како еден од последните подолги и понапорни тренинзи пред трката. 

Нашата ултрашка верзија на трансверзалата е следна. Старт во Старо Село, Љуботен – Пирибег – Чаушица – под Кобилица – траверс на Шилеџе и Вртоп – Караникола – Долна Лешница и од тука има две варијанти. 1. По патот за Шапка – полесна варијанта и 2. Преку Горна Лешница за Титов до Шапка – многу, многу побрутално нешто. И се ова во еден ден. Во опција беше и варијанта од Караникола 3. До Скакала и Џинибег па преку Мал Турчин и Титов за Шапка.

Практично првиот дел до Караниколичко е ист со планинарската трансверзала, само што таму тие 50 километри со ранци се одат 2 дена. Типично се оди на почеток на јули, но оваа година поради многу дожд и нестабилни услови, моравме да почекаме до почеток на август, но барем бевме сигурни дека ќе имаме многу вода. 

На Шапка отидовме со една кола јас, Жико, Светле (логистика) и Пирко (Игор Пирковски). Идејата беше да се остави тука колата, да се одмори па Јоцо и Марти да дојдат да не земат за Старо Село откаде би тргнале. Александар и Величе заедно со целото семејство ни направија фантастична помош со тоа што не примија во викендицата за неколкучасовен одмор и вечера. Нормално дека бевме главни „ѕвезди” во викендицата бидејќи имавме најненормален план. Кој нормален оди пешки од Старо Село за Шапка во еден ден? 

Паста парти, два три часа скоро без сон, но сепак во кревет и се спремаме за тргнување. Доаѓа Јоцо, се пакуваме и веќе пред 2 часот наутро сме во Старо Село. Времето е идеално, малку студено но без ветер. Во одлично расположение тргнуваме околу 2 часот и 15 минути. Договорот е Љуботен па и до Пирибег да не форсираме воопшто. Така и би. Љуботен за 2 часа  и 20 минути со многу зезање и лаф муабети 90% на тема трчање. 

 

Споро по сипарот до Козја Стена и веќе во мугри сме на седлото под преубавиот врв. Од тука следи една од најдобро воспоставените патеки до под Пирибег. Чист треил на 2100 метри. Уринското сонце дава неверојатен контраст на патеката додека ние трчаме комфорно темпо. Шара бликаше од вода. Имавме на секој чекор и заедно во комбинација со добрите временски услови, денот ветуваше многу.

До Пирибег без потешкотии и одлично, малку сендвич, па трнгавме за најдивиот и најтешкиот сегмент – Езерски до Бистрички и Црн Врв. Тука движењето е екстремно споро. Гребенот е исполнет со големи камени блокови кои утрото беа влажни. Патека постои но наместа се губи во каменестиот мозаик на дивата природа. Некаде после Езерски врв од десна страна видовме стадо од 40-тина дивокози. Фантастичен поглед но тоа беше само почеток на оваа убавина. Водата како да ги беше припила сите најубави форми на живот погоре, високо во планината. 

Некаде по Бистрички врв и пред седлото за Црн Врв од лево на македонска територија видовме мечка. Беше со средна големина и беше на дното од долината, пиеше вода од еден извор. Не слушна и се повлече во нејзината територија. Успеавме да ја сликаме но беше прилично далеку. Прв пат на Шара гледам мечка. 

Но, убавината не застана тука, под Црн Врв не пречека стадо од 40-тина диви коњи заедно со неколку ждребиња. Неверојатна глетка. Не сакавме премногу да ги вознемируваме па затоа свртевме и правец за Кобилица. 

Боровинки колку сакаш, а и боровинкари. Под Кобилица правевме втора поголема пауза (10 мин.) за храна и одмор. Цело време бевме во континуирано движење. Јоцо иако првично планираше да оди пократко, реши да дојде со нас бидејќи му одговараше темпото. Од тука следи повторно една убава тесна планинарска патека која оди по изохипса под Шилеџе и Вртоп се до Караникола. 

Во овој дел се разделивме со Јоцо, тој реши да намали и да ја оди варијанта 1. Следеше одмор на Караникола каде решивме дека не одиме за Џинибег (варијанта 3.) бидејќи тој дел ни беше малку понепознат (јас го имам еднаш одено во 2014 година) и решивме да одиме варијанта 2. Долна Лешница – Горна – Титов – Попова Шапка. 

Во овој дел веќе круната на Шара ни беше на дофат. Сакавме да ја оствариме одамна посакуваната цел – од Титов врв да појдеме по гребенот за Бакрдан и Церипашина до Шапка, но плановите нема да бидат исти за 2-3 часа.

Од Долна Лешница го наоѓаме грдо пробиениот пат (веќе разурнатата планинарска патека) за Горна Лешница и започнуваме еден од најтешките сегменти. 1300 висински метри качување на уморни нозе. Од Горна Лешница тоа е веќе вертикал – 1000 метри многу многу стрмно качување. Тука веќе почнува првата помала криза. Мини караница со овчарските кучиња кои ги построивме во ред, и правец за седлото. 

Искачувањето беше навистина тешко. Мислам дека бев на крајот со силите. Нозете беа свежи но снагата ми слабееше а здивот ми беше плиток. Но затоа мора да се одржи позитивна мисла и јасна цел во слични ситуации. Затоа тука е искуството и пријателите. 

Малку зезање на наша сметка и ете сме на врв. Нема никој, па скоро и да не видовме никој низ целата траса. 61 километар до Титов Врв. Од врвот Љуботен до тука сме пешачеле 13 часа и нешто ситно минути. 

Дефинитивно отпаѓа гребенот преку Бакрдан бидејќи ќе ни одземеше дополнителни 2-3 часа, а Вакаф испадна многу убав за трчање на уморни нозе и за час и половина бевме на Шапка. Во исто време и Јоцо стигнал на Шапка, ни јавија девојките. 

Умор скоро и да не чуствував, веројатно затоа што веќе имам доста вложено во слични авантури. На квечерина веќе бевме пред викендицата. 17 часа и 20 минути движење низ високите предели на Шара. Не е за секој, но можеби ова ќе биде голем предизвик за некој… 

За сите заинтересирани, повеќе информации за патеката, храна, течности и се останато можеме да ви споделиме во било кое време. 

Се гледаме на УТМБ. 

Ова подоле е целосниот запис на Пирко

 

Дистанца – 72км

Денивелација – 5050 метри 

Време – 17:20 

Паузи – малку

Логистика – само на старт/финиш, на траса целосно самостојно