Наслов

Супер „Бела ди Супра“

Звучеше некако премногу привлечно за да биде пропуштено - велосипедски маратон на струшката страна од Охридското Езеро именуван по автентично влашко име на едно село скриено во прекрасната Јабланица. 

Бела ди супра е влашкиот назив на Горна Белица, во минатото големо влашко село на Јабланица сместено на 1400 м.н.в кое што било познато високо разработеното овчарство.

Денеска Бела ди супра е исто толку прекрасна како и секогаш, само што е претворена во мала и спокојна, повеќе викенд-локација која останува задолжителна за посета на секој љубител на македонските убавини. 

Велосипедскиот маратон пак, кој го носи ова име и е во организација на струшкиот „ВК Соларис“ е едногодишна манифестација која се одвива на оваа прекрасна планина и минува и низ неколку други села и природни убавини.

Тргнувањето беше од убавата Струга преку  селото Вишни кое исто така е приказна сама за себе, па низ Горна Белица каде се направи поголема пауза за освежување и одмор. Вкусен и свежо замесен комат од страна на домаќините ја направи паузата уште поубава, а дождот кој дотогаш паѓаше многу ситно и споро како порачано го изгуби својот интензитет пред продолжувањето на турата. 

Од таму, селото беше заобиколено и групата тргна по шумскиот пат кој минува низ Јабланица во правец на караулата „Три Шилка“. Одличен шумски предел за возење составен од убави спустови, но и една прилично добра угорница која завршува со прекрасен поглед на Охридското Езеро. 

Патот од караулата води за граничниот премин Ќафасан, а оттаму преку убави шумски патчиња и дел од остатоците од некогашната зимска траса на Виа Игнација се завршува во секогаш убавата Радожда. До Струга на враќање и сите среќни на убав ручек - класично и вкусно војничко гравче.

Во склоп на турата традиционално се организира и крводарителска акција за сите оние кои што сакаат и имаат можност да донираат крв. 

16 Септември 2014

За авторот