Спортско качување на „Зли дол”

На покана на Алпинистичкиот клуб „Патагонија” и Спортско Качувачкиот клуб „Матерхорн” од Охрид, тимот од К4Т.МК беше во посета на спортско-качувачкиот локалитет „Зли дол” во близина на Охрид. 

Локалитетот се наоѓа на 1км од клучката на патот за Отешево, преку превојот на планината Галичица и истиот започнува на првата ширинка од десна страна на патот, под првата карпа која служи како паркинг простор. До карпата води планинарска патека што завршува на Липова ливада во Националниот парк Галичица, под највисокиот врв „Магаро” (2245 м.н.в).

Тој е познат уште од дамнина, но со конкретни активности, поточно со бушење на насоките се започнало во 2004 година од страна на Рускиот алпинист Александар Кленов и Спортско качувачката федерација на Македонија. Денес на овој локалитет има 20 насоки распределени во три сектори и тоа:

– Сектор „Д“ и сектор „З“ кои што се наоѓаат на 15-минутно пешачење од местото за паркинг; – Сектор „Дембелана“ кој што се наоѓа на 2-3 минути пешачење од местото за паркинг.

Тежините на насоките се движат од 5 до 8б по Француската скала на оценување.

На видето, дел од членовите на двата клуба качуваа на насоките во секторот „Дембелана”, но морам да напоменам дека и јас за прв пат имав можност да качувам на спортска насока која што по вториот обид успешно ја искачив.

Подготовките за време на зимскиот период (и на двата клуба) се поделени на три термини во текот на една недела и се одвиваат во Спортско рекреативниот центар „Атина Бојаџи”, во малата сала каде е сместен вештачкиот ѕид.

Во останатиот период од годината тренинзите се одвиваат на локалитетите во близина на Охрид и на карпите ширум нашата држава. Во двата клуба членуваат севкупно дваесетина качувачи од најразлични возрасти.

Дел од членовите на овие два клуба се волонтери во Единицата за спасување на планина и непристапни терени при Црвениот Крст од Охрид, а дел од нив се членови и во Асоцијацијата на професионални водичи во планина.

Галеријата можете да ја погледнете тука.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија