тренинг за пионерските категории

Ситуациони вежби за обука и усoвршување на контранападот

Кога станува збор за контранападот како составен дел на колективната тактика во нападот слободно можеме да кажеме дека преставува најефикасен начин во кошарката за постигнување на лесни поени и е применлив против сите видови на одбрани.

Интересен е податокот кој вели дека процентуалната успешност на реализирани поени од контра напад во просек изнесува околу 60 до 80% (20-30 можни обиди за играње на контра напад по натпревар), овој процент најчесто е поголем од останатите проценти на шут со што ја потврдува оправданоста за негово користење и усовршување.

Основната цел на контра нападот е да се создадат услови за постигнување на лесни поени преку остварување на бројчана предност на офанзивните играчи во однос на одбраната во ситуации 1:0, 2:1, 3:1, 3:2, или поволни ситуации за игра 1:1 во транзиционата одбрамбена фаза на играта кога одбраната сеуште не е организирана.

Во тренажниот процес со младите категории во оквирите на групната и колективната тактика учењето и усовршувањето на контранападот е на прво место, што значи соработка помеѓу 2,3 и 4 играчи. Во почетокот на обуката акцентот се става поединечно на сите четири фази во развојот на контранападот:

  • 1. Фаза: освојување на топката,
  • 2. Фаза: изнесување на топката од рекетот (отворање на прв пас),
  • 3. Фаза: пренесување на топката на противничката половина и
  • 4. Фаза: завршница на контра нападот.

Во почетната фаза на обуката играчите најпрво би требало да ги научат линиите на движење (коридорите) преку користење на вежби без одбрана, а подоцна се преоѓа кон вежби во кои се поставува диктирана одбрана за на крајот во следната фаза да се прејде на ситуациони вежби во “хендикеп” услови (2:1, 2:1+1 ,3:1, 3:2, 3:2+1 и др. ) кои воедно даваат најдобри резултати во усовршувањето на играта.

Тренирањето и играњето на контранападот има големо позитивно влијание во формирањето и развојот на младите играчи од аспект на развој на нивните физички способности и психолошки карактеристики, поените постигнати од контранапад најчесто се поени кои во најголема мера го деморализираат противникот, создаваат чуство на супериорност во однос на противничката екипа и воедно ваквата игра е допадлива и привлечна за публиката но и за самите актери на теренот.