Муабет со Горан Симјаноски околу „Доупнесс”

Сакајќи да дознаеме нешто повеќе околу новата сезона на Доупнесс (патем и околу новиот одличен трејлер), решивме да го исконтактираме првиот осомничен за истата – Горан Симјаноски, стара школа блејдер од Влае кој има детално познавање на македонската урбана сцена. Покрај ова се заинтересиравме и околу состојбата на овие спортови во нашата држава и начинот на кој би можеле да се развијат според размислувањата на авторот на оваа серија. 

Најавата за Доупнесс – сезона 2 можете да ја погледнете погоре, а подолу следи краткиот разговор со Горан 


Нешто повеќе за тебе, од кога започна да возиш ролери и како се движеше твојата еволуција во урбаните спортови?

Здраво јас сум Горан Симјаноски возам ролери веќе 15 години, од тогаш па се до денеска активно го пратам спорот и сите новитети поврзани со ролербладингот, конкретно агресив-инлајн. Сум имал прилика да посетам скејтпаркови надвор од нашата земја кои за разлика од нашите се понапреднати. Се уште возам но не се занимавам професионално, сакам да сум помеѓу младите коишто се интересираат во екстремните спортови, да им ги пренесам моите искуства и да ги преточам во видео запис.

Кажи ни нешто повеќе за моменталната ситуација на овие спортови и општо за овие суб-култури во Македонија. Споредба денес – вчера, дали има подем во квалитетот и квантитетот на спортистите или тапкаме во место?

-Моменталната ситуација во нашава држава е на различно ниво за секој екстремен спорот. Ролерблејдинг сцената полека пропаѓа, изумира, новите генерации се помалку покажуваат интерес за возење ролери. Според мене најдобро време, или како што ние ги нарекуваме златните денови, беше периодот 2000-2006 година. Во тој период јас и мојата екипа постојано возевме и дававме се од себе за да го издигнеме спортот на највисоко ниво. Се организираа бројни натпревари и евенти, имавме возачи од околните држави (Бугарија, Србија, Романија, Грција ), кои доаѓаа да се натпреваруваат и дружат со нас.

Околу останатите спортови, можам да кажам дека моментално бемикс сцената е во најголем подем. Секјтбордингот исто така добро се држи, но е доста еволуиран од она што беше на почетоците. Во Македонија имаме навистина многу талентирани луѓе, квалитетни возачи, но дел од нив не го искористуваат својот потенцијал доволно за да достигнат интернационален или светски успех.

Новото видео од „Доупнесс” искина! Што е Доупнесс и дали ова претставува најава за некој тазе поголем интересен проект од ваша страна?

Доупнесс (состојба во која одреден предмет, место, настан и личност содржат забележителни квалитети) е платформа за сите талентирани и храбри луѓе, кадешто нивната биографска приказна може да ни ја раскажат во видео форма, преку презентирање на екстремниот спорт, односно суб-културата која ја практикуваат.
Идејата на самиот проект дојде како спој на мојата професија видео монтажата и пасијата кон екстремните спортови. Во проектот се опфатени: блејдери, даун хил возачи, бајкери, скејтери, графити цртачи, хип хоп тенчери, параглајдеристи, мото возачи итн.

Всушност видеото е некој вид на најава на новата сезона на емисијата која за сега ќе се емитува на Јујтуб додека не добиеме понуда за професионална и сериозна понуда од некоја телевизиска куќа. Првата сезона веќе се емитува на една од нашите телевизии без моја согласност. Ова е веќе втора сезона, која би требала да се состои од 12 емисии. Сепак сакам да напоменам дека ни е во план да се снима се додека има таленти чија приказна вреди да се раскаже. Се надевам дека еден ден Доупнесс ќе стане препознатлив бренд, кој ќе ги инспирира и поддржува младите таленти во Македонија во оставрување на нивиот сон да станат професионалци во светски размери.

Мала споредба со околните држави и светот околу овие прашања

Во светот и на Балканот овој тип на кретивно-спортска видео индустрија, е доста развиена и на доста високо ниво, додека кај нас ретко може да најдеме и аматерски видеа. Затоа, со помош на мојот верен тим решив да го креирам овој проект и сум доста задоволен од реакциите.

Кој е најдобриот начин да се стимулираат и привлечат младите во урбаните спортови од овој тип?

Со создавање на повеќе проекти од ваков тип, со изградба на професионални скејт-паркови, сноупаркови, стази за доунхил итн, и организирање на настани, натревари од ваков карактер во коишто ке се прикаже мотивот и желбата на младите да се занимаваат со ваков тип на екстремни спортови.

Доупнесс може да го следите тука

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија