Мојата прва ултра

Првата официјална трејл трка ми беше прилепчанка, убава, жешка и македонски тешка. Првата ултра ми беше згодна Хрватица од Истра, фина на прв поглед, на втор, заебан табиет имаше…

100-те милји на Истра за само три години се претвори во најголемиот интернационален спортски настан во Хрватска. Нешто што дефинитивно е за почит и во секој поглед беше примамливо да се посети.

Уште во раниот почеток на зимата беше паднат договорот за малиот македонски тим од две коли поточно 7 натпреварувачи кои ќе настапуваат на овој настан. Тимот на TREX и ПСД Макпетрол беше составен од неколку поискусни ултраши, но и од новајлии како мене кои имаа желба да се пробаат на доста сериозна стаза. 

Од Скопје заминавме јас, Јовица Јованчев, Александар Симјаноски, Борче Милошковски и Лубиша Андреиќ како пријавени на 110 километри со 4700 D+ и Трајче Панковски и Игор Пирковски за на 65-ката so 2255 D+. Тања Стојановски беше пријавена на 100-те милји но поради повреда мораше да се повлече па дојде како логистика заедно со Тена и Сандра, женската поткрепа. 

Иако временските услови не беа баш најсјајни со доста магла, дожд и лизгав терен трката помина во одлично светло. Македонија може да се пофали со 7 од 7 завршени а супер резултат постигнаа Јовица Јованчев кој го делеше 11-тото место со време од 14:44 и Александар Симјаноски кој заврши 15-ти со време од 15:10. 

Да се заврши планински ултра од овој тип е огромен подвиг, ултимативен тест на твојот карактер и можности. Екстремно среќен сум што успеав да пребродам две поголеми кризи пред Бузет и во Опртаљ и да финиширам во првите 60 луѓе (42 во моја категорија) иако ова ми е прва 100-ка.

Повеќе за атмосферата на турата ѕирнете погоре, а најубаво е да осетите на своја кожа… 

Голема благодарност до TREX и ПСД Макпетрол како и до сите ултра-пријатели кои ми помогнаа да научам нешто повеќе за овој спорт.