Наслов

Како (не) станав Ironman

Да бидам искрен, овoј текст го имам пишувано во главата барем едно 50 пати додека сум возел точак. Најчесто после деловниот состанок што ќе го направам со самиот себе и една расправија пак со самиот себе ќе дојдеше на ред текстот што ќе го напишам за Karas откако ќе станам Ајронмен. Некако после сѐ што ми се случи, ме напушти желбата за пишување на текстов, ама вчера ми стигна имејл од луѓето од организацијата на Ајронмен трката на која бев, она скроз америчка прикаска, демек сега ја знам стазата, па да се пријавам пак за догодина и да имам супер резултат. И нив им вратив и онака си кажав што ми лежеше на душа, па некако тоа ме окуражи и тука да си кажам што како беше.

Oваа прикаска треба да ја почнам од многу порано, поточно од крајот на ноември. Убаво одморен од претходната сезона и сите малери и повреди и што ти не што ме снајдоа, со мојот тренер Огнен Стојановиќ на некоја од социјалниве мрежи разговаравме за планови, цели, очекувања и желби за следната година. И онака, јас што би се рекло да напипам терен, му велам, на 2 октомври има Ајронмен во Барселона и има некоја екипа од Македонија што се остри да оди, а овој, онака без мислење ми вика, 2 октомври може да биде добар ден за тебе. И така, под сектор ЖЕЛБИ ставивме да конечно завршам цел Ајронмен и тоа да биде во Барселона на 2 октомври. Чисто информативно зошто баш Барселона, најмногу дека имаше план да се оди во група (ова не е мала работа ако се има предвид дека не повеќе од петмина се бават со long distance триатлон во државава), но и самата стаза е една од најпосакуваните во Европа, убави временски услови, рамна стаза за точак, убаво време за трчање и море за пливање. Но, што би се рекло многу арно не е на арно, па така поради атрактивноста на стазата, целата трка се продаде некаде пред Нова Година и така јас требаше да си барам нова трка, зашто немав уплатено на време за оваа.

Некако ми беше чудно што треба да уплатиш 700 евра за трка што ќе биде за 10 месеци и ако се повредиш или како било си спречен да учествуваш, многу од тие пари ти се изгубени во неповрат. Ама, што е тука е треба да се најде нова трка. Две опции - едната на 1 октомври во САД во Кембриџ, Мериленд, а другата блиску Амстердам, Холандија. Овој вториов не беше дел од Ајронмен серијата, иако должината си беше таа: 3.8 км пливање, 180 км точак, 42.2 км трчање, некако, сепак, сакаш на крајот да ти кажат дека си Ајронмен, а не дека си завршил цела дистанца триатлон. Така, одлуката падна на Мериленд. Самиот тренинг и целите подготовки се приказна сама за себе и ќе го оставам тоа за некоја друга прилика, во некоја друга статија. Во кратки црти, 11 месеци подготовки, саати и саати поминати на точак, во базен и на кеј и низ целиот процес успешно одработени и два полу-Ајронмен, неколку помали тритлонски трки, како и неколку полумаратони. За мене лично, вредно е да се спомене дека ослабев 15 кг и конечно кога ќе му кажам некому дека се бавам со триатлон, не ме гледа попреку и нема изјави од типот на "Ти, триатлонец?!"

Да се вратам на самата трка. По препорака на тренерот, за САД заминав 11 дена пред стартот на трката, едно да се аклиматизирам, временски зони и останати климатски промени, а друго и да ја извозам стазата, да испливам каде што ќе е трката и што е можно да бидам поподготвен за големиот ден. Така и одеше, сѐ во најдобар ред, аклиматизација, тренинзи трчање, проверка и подесување на точак, што би се рекло, сѐ по книга. Недела дена пред трка беше некако таман да се извози стазата и да се види точно со што ќе се има работа. Два часа има возење со кола од местото кај што бев сместен до местото кај што се одржуваше трката, не баш блиску, ама прифатливо. Стазата - одлична, рамна, убав асфалт, прекрасни предели на рурална Америка, див свет (дури видов и белоглав орел, оној од разгледниците од САД што ни ги праќаа како деца), безмалку совршено!

Но, тука беше и најголемиот непријател на секој триатлонец, ветерот. Кога качуваш угорница барем ја гледаш, се бориш со неа и знаеш кај ќе стигнеш, а ова како да нема крај и како цело време да е против тебе, рамно, убаво а сепак, се движиш бавно, се бориш со нешто и никако да сфатиш што треба да направиш да го победиш. Само мало појаснување, зборот ветар тука добива друго значење, мислам дека главно се бориш да не почне ветрот да те дува наназад. Ама ајде си викам, денес е вака идната недела може воопшто да нема ветар или да има некој онака, ко кај нас "прифатлив". Тогаш сфаќаш дека стеблата на дрвјата се природно искривени како последица на ветерот и дека ветерот тука не е случајност туку секојдневие, па така ти останува само делот да се надеваш да биде прифатлив на денот на трката. Во секој случај, тренингот заврши добро и покрај ветерот измереното време и просечната брзина беа одлични, што и тоа како добро делуваше на самодовербата и мотивацијата.

Четири дена пред трка решив да одам да се регистрирам (да подигнам стартен пакет) и таман да испливам на самото место кај што ќе се одржи трката. Стигам јас кај што треба да биде официјалниот настан (шатори, штандови...), а таму нема ништо, само знак дека поради опасност од силна бура регистрација ќе биде отворена за неколку часа. Благо депресивно, да признаам, некако навикнав на регистрација на Ајронмен да биде гужва, музики, а тука онака, како природна катастрофа да се случило, тмурно време, дожд, ладно, празно... Но, периодот дури отворија за регистрација го искористив да испливам и повторно убавото чувство, квалитетот на тренингот и задоволството од формата во која се наоѓав ме одржуваа многу позитивен и со убави мисли кон трката. Многу битна информација беше дека времето на денот на трката треба да биде убаво, сончево со максимални 18 степени, си мислам во себе и да не е толку добро како што најавија овие, само да не е ко денес. Возејќи назад на радио специјално известување дека во наредните 2 до 3 дена се очекуваат историски врнежи од дожд и големо невреме кое треба да заврши баш на денот на трката. И некако од тој момент натаму прифатив дека времето не е во моја контрола и колку и да сум се нервирал со тоа, нема во ниеден случај да го променам, со други зборови, што биде нека биде.

Ден пред трка, стандард протокол, чекирање на точак (точакот се остава ден пред трка на местото кај што ќе биде стартот на трката), саат време разгледување на транзиција од каде ќе влезам како полесно да се снајдам (верувајте ми во тоа брзање и еуфорија ни малку не е лесно да го најдеш твојот точак меѓу 2600 други), извидница за паркинг место за сабајлето и сместување во локално хотелче за да не мора да станам рано сабајле и да возам. Уште едно кратко трчање 20 - 25 мин со неколку спринтови чисто телото да се активира и традиционално голема пица за вечера. Планот беше до 10 часот да сум легнат, во 5 да се разбудам, во 6 да сум во транзиција. Последна проверка низ глава, што, како, кога, колку, динамика на трка и настани, излистани, повторени, само уште да се применат на големиот ден. Планот беше да се заврши под 11 саати, некако тоа 10 саати и нешто убаво ми звучеше, по сите тренинзи, мерења, претходни трки времето требаше да биде тука меѓу 10.50 и 11.10. Иако 20 мин. изгледаат многу, во настан кој трае 11 саати верувајте ми воопшто не се, на толку долга трка мала работа може лесно да акумулира 10 минути. Али генерално планот беше, пливање под 1.10 саати, 5 мин транзиција пливање/точак. 5.30 саати на точак, 5 мин. Транзиција точак/трчање и 4 саати трчање и усте 10 мин. Резерва за непредвидени работи.

Sвонеја и саатот и телефонот во 5.00, а секако веќе и од возбуда бев буден, стандардно овеска каша со 2 варени јајца и 500 мл изотоник и време беше да се тргне. Се како што беше планирано, паркинг, пумпање гуми, местења на патики за точак, 5 мин. Загревање на суво и 10 мин загревање во вода и си се наместив кај што требаше да ја почнам трката.

И тогаш, наместо почеток на трката се огласи организаторот и кажа дека стартот ќе биде поместен за 20 мин со намера да изгрее сонцето и да се смири малку времето. После тие 20, уште 20 други и еве ти го пак организаторот со изјава дека поради многу лошите временски услови и неможењето? да се обезбедат сигурни услови за пливање, пливањето се откажува и дека треба да се спремаме сите за возење точак. Мислам дека толку имав раскрстено со времето што во тие моменти воопшто не се изнервирав, едноставно прифатив дека мене ми е пишано да тренирам 11 месеци, да го пропатувам пола свет и сепак да ми го одземат правото да бидам Ајронман. Не за друго, после години поминати тренирајќи ватерполо, пливањето го сметам за најјака страна од триатлонот, не дека сум најбрз, туку дека не ме изморува буквално како да сум немал некава активност. Се спремав, си го почекав редот и си тргнав. Супер се осеќав, ми преврте два три пати низ глава да не стартувам и да одам до Кентаки идниот викенд кај што имаше друг Ајронмен, ама да бидам искрен, немав уште $750 за котизација и време беше да се заврши сезоната. Врнеше дожд и тоа онаков со големи капки и плус многу ветар, секоја капка ја осеќаш како те мава и те боли, 100 пати зажалив што не си земав нешто со долги ракави (не беше вака планирано). Поради поплава малку го скратиле кругот некоја милја и пол така да целото возење ќе биде 5 км пократко, ама најмалку битно, тие цело пливање скратија, сега за 5 км од 180 км нема да забележуваме.

Таман намали дождов, гледам нешто не оди точаков, кога се вртам гледам гума ми се дупнала. Ајде, си викам уште ова, среќа во несреќа цајкан еден во близина, не за друго, муабет да си направиш со некој оти 5 саати сам со себе не е мала работа. 11 минути ми требаше да сменам гума, нешто што во нормални услови не ти одзема повеќе од 5 мин. Али што е, тука е, назад на точак. Километар по километар и се гледаше крајот, а крајот, ко за инает најтежок, се враќаш кон морето и очекувано фронтален ветар во полн налет. Вака - така помина, транзиција полека без брзање, одење во тоалет, банана, гел и време беше да се тргне да се истрча маратон. Ако некогаш се вратам пак да ја правам тркава ќе се вратам само поради публиката и волонтерите. Без зборови, атмосфера од светско првенство во фудбал. Првите 3-4 км од трчањето агонија, болки во грбот, колковите укочени, нозете одвај ги осекаш, си викам, како ќе терам вака 42 км. Но, темпото беше супер, срцева работа под контрола и полека ми исчезнаа грчевите и укоченоста и некако ми дојде логично после 5 и кусур саати на точак во некоја полулежечка позиција да се исправиш и да почнеш да трчаш не може да помине баш така мазно, мора да има некое време на адаптација. Фативме и убава група, онака екипа како да се знаеш со години и едно стотина тренинзи да сме правеле заедно. Имаше една девојка, изгледаше скроз ентузијастички, нешто како мене, бар 7-8 вишок килограми, многу аматерско трчање, ама трчаше појако темпо од цела група и кога ке стигнеше до станица за вода, застануваше целосно и пак се вклучуваше со нас и пак ќе забрзаше и така до кај 14 км, кога едноставно на сред пат застана. Застанав и јас и пробав да ја измотивирам да продолжи, таа ми кажа дека супер ми оди и да продолжам во ист ритам, нејзе ова и било осми Ајронман и дека си имала ваков период кога ѝ се гасело целото тело, одморала малку и си продолжувала пак. Бев скоро сигурен дека нема да ја заврши трката, кога ќе ти се случи такво нешто да ти се исклучи телото на прва третина од трчање не знам што треба да имаш во тебе да се вратиш и да продолжиш. Но, на 38 км. На последната станица за вода, решив да поодам малку дур трае станицата да може на раат да се напијам и вода и изотоник кога некој ме чукна по рамо и ми рече "ајде, заедно до крај", не можев да верувам дека тоа беше истата девојка која на 14 км скоро безживотно седеше на асфалтот. И не само тоа, буквално шпринтираше последните километри и заврши 2 и пол минути пред мене. Сѐ уште ми е енигма како може некој да има таков mind set, да успее да го рестартира телото и да се врати уште појака.

Многу битен дел од трчањето, некаде на 15 км. Почна да се поплавува градот, ова буквално да се поплавува. На почетокот по 30-40 м сектор онака колку да ти влезе вода во патики, но последните 10 км веќе секторите беа по 200 м и водата беше буквално до колена и така периодично 200 м вода – 2 км суво, па пак 200м вода, па суво... Публиката се забавуваа максимално, имаа наместено лежалки во водата и се однесуваа како да се на плажа, музика ечеше од секаде и некако во тој дух и ние. Можеби секторите со вода ти даваат добро алиби да поодиш малку и да си ги оладиш нозете, ама сувиот дел беше некако многу тежок, патиките полни со вода, стапалото ти се лизга, осеќаш како ти пукаат плускавци и трчањето станува сѐ потешко и потешко. Иако не се осекав уморен и истоштен, некако мозокот ми беше уморен, а и телото веќе почнуваше да се буни, колковите, потколеница, грбот... а и време беше да завршам. Последно вртење и ете ја целта, трчајќи ги последните метри, иако знаев дека не сум Ајронман (не барем каков што треба да бидам) се осекав како да сум, ми се вртеа слики од дождот и ветерот од точакот од водата и калта од трчањето и тогаш дојдоа оние магични зборови Dancho You Are An Ironman , и сѐ беше готово!!!
Помалку празно чувство и некако тажно дека заврши, дел од мене посакуваше да има уште, ми фалеше возбудата и адреналинот.. Среќен во секој случај, 9 саати и 40 мин! И со целата вода и со дождот и ветерот со просечно пливање од саат и 10 мин ќе го имав посакуваното време, ама тоа мора да остане за некоја друга прилика. Не бев многу уморен, сум бил многу поуморен завршувајки полу-Ајронмен, дури и полумаратон, се чувствував дека имав многу во себе останато што можев да го дадам, но од друга страна, без среќен што завршив со насмевка, лесно, и со уживање, а не низ болка и агонија.

Луѓето ме прашуваа како беше, дали беше тешко, дали ме болело нешто... единствено што знам е дека беше долго и дека возењето точак беше осамено. Што би рекол мојот драг пријател Нермин од Босна и Херцеговина кој неколку недели пред мене стана Ајронмен, „кад добро размислим, ја сам баш уживао!" Така и јас, кога ќе се свртам, ми останува уживањето, публиката, децата што стоеја на ветар и дожд да ти дадат чаша вода, прекрасната глетка што те прати цело време, не дека не ми беше тешко или дека немав кризи, ама некако ги очекував, бев спремен и не дозволив да стигнат до мене. Ако нешто ми беше тешко, тоа беа последните месец дена пред трка, не дека тренинзите беа многу тешки, едноставно премногу долго траеше и некако ми се здосади ден за ден тренинг 11 месеци. Голема благодарност до Бојан Анчевсkи, со кого ги поминав поголем дел од долгите тренинзи во тие месец дена и кој ден после мене во Барселона стана вистински Ајронмен. 

Да станеш железен човек дефинитивно и основно треба фамилијата да ти има челични нерви, безброј отсуства, саати посветени на тренинг наместо на нив, да наоѓаат разбирање безброј пати и секогаш да се трудат да те поддржат и да бидат тука за тебе. Но, битни се и луѓето кои те опкружуваат и тоа како се битни, не можеш без потпорен механизам. Луѓето кои те пратат низ целото патување, што ќе истрчаат некој километар на кеј, некој километар заедно на точак, ќе ти кажат "секоја чест", ќе ти подарат искрена насмевка, ќе ти посакаат среќно на Фејсбук, ќе те прашаат како си и како ти оди со тренинзи, ќе ти пишат порака пред трка... Посебно оние кои ги прават сите овие работи, нив ги наоѓаш во самата трка, им ги гледаш насмевките кога ти е најтешко, ги слушаш дека трчаат до тебе и те носат кога нозете не одат и ги гледаш како те чекаат на целта. И кога ќе завршиш, сфаќаш дека ова беше нивна трка исто колку што беше моја. Бескрајно од цело срце сум им благодарен за тоа и се надевам ќе бидат со мене и во многу други наредни патешествија и трки.

Дали станав Ајронмен или не - оставам на вас да процените, мене како проаѓа времето сѐ помалку битно ми е, веќе имам одредено трка за наредната година . Можеби не го остварив комплетно сонот, барем не оваа година, ама дефинитивно месеците поминати во тренинг не беа залудни. Бркајќи еден сон, потајно остварив неколку други, завршив полу-Ајронмен за помалку од 5 саати, завршив полумаратон за помалку од саат и 40 мин. Истрчав 5 км за помалку од 20 мин. ... и најбитно од сѐ, уживав дури го правев тоа.

Се читаме од некоја друга трка и некое друго патешествие. Бркајте ги соништата и никогаш немојте да заборавате: Anything is Possible!

28 Ноември 2016

За авторот