Јавање и муабет во “Cherry Orchard”

На едно пријатно викенд зајдисонце, тркнавме да видиме како изгледа елеганција на коњ предводена од Сандра Мојсова, во клубот “Cherry Orchard” во Волково. Исто така, имавме можност да разговараме со сопственикот Милчо Мојсов кој ни објасни некои основни работи околу коњичките спортови и клубот.

К4Т – Колку време опстојува јавачкиот клуб “Cherry Orchard” и со колку коњи располага?

МИЛЧО – Клубот ”Cherry Orchard” постои веќе 15 години, а во моментов располага со 13 коњи во Скопје и 6 коњи во Битола.

К4Т – Со кои коњички спортови се бави клубот?

МИЛЧО – Клубот се бави со препонско и рекреативно јавање (Equestrian).

К4Т – Како би го дефинирале овој спорт? Колку дисциплини постојат и кои од нив се сметаат за најтешки?

МИЛЧО – Се работи за комплексен спорт кој што не може туку така да се објасни. Постојат 10 врсти на спортови со коњи, но олимписките дисциплини (за Equestrian) вклучуваат дресура, препонско јавање и тродневниот милитари настан (Eventing).

Таканареченaта ”Eventing” е убедливо најтешка дисциплина каде првиот ден е дресура, вториот е скокање во природа (преку полни препони-дрва) и третиот ден е препонско скокање во паркур. Во природа се поминува низ вода и нерамен терен, воопшто не е исто како во спремен полигон.

К4Т – Вашите коњи се соодветни само за препонско јавање?

МИЛЧО – Да, ние поседуваме повеќе раси на коњи, но сите се за препонско јавање.

К4Т – Кои раси ги поседувате во моментов?

МИЛЧО – Па на пример имаме Холстајн, Тракенер, Хановеранци, Липицајнери

К4Т – Се натпреварува ли вашиот клуб на национално или на интернационално ниво?

МИЛЧО – Нашиот клуб се натпреварува само на меѓународни такмичења и досега имаме освоено многу награди. Повторно, се натпреваруваме само во препонско јавање.

К4Т – Во последен период, кое такмичење би го издвоиле како поважно односно помасовно?

МИЛЧО – Во Грција учествуваме на едно од поголемите меѓународни такмичења во препонско јавање каде земавме 2ро место, отидовме со 4 коњи, а сите од нив завршија во првите 10.

К4Т – Како дополнително се делат такмичењата?

МИЛЧО – Има повеќе поделби, како на пример такмичења за млади и за стари коњи.

К4Т – Кои предуслови се потребни за да се започне со јавање?

МИЛЧО – Во јавањето не постои старосна граница, се разбира, доколку човекот е здравствено добар и физички спремен.

К4Т – Која процедура треба да се помине за да се стигне до самостојно јавање?

МИЛЧО – Кај нас постои школа за јавање каде основната обука трае околу еден месец (од 15-30 часа). По завршувањето на оваа обука има чланарина и можност за блок часови (на пример 10 часа земени однапред ќе ве чинат поевтино).

Откога ќе се усовршат основните техники, можете да одлучите со што ќе се занимавате понатаму (рекреативно јавање, препонско јавање, дресура…).

Нудиме можност и за единечни часови, но тие се воглавно наменети за искусните јавачи.

К4Т – На што уште треба да се обрне внимание?

МИЛЧО – Редовноста е најважна додека траат обуките, а и додека се усовршува техниката, бидејќи доколку немате континуитет тогаш залудно ќе потрошите и време и пари.

Јавањето е како возење точак, штом еднаш се научи правилно, никогаш нема да се заборави. Но, за да стигнете до тоа ниво, треба да поминете доста време во редовно тренирање.

Всушност, лесно е да научиш да јаваш, но да работиш со коњот е најтешко, бидејќи тоа живо суштество кое вистински треба да се почувствува…

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија