Ефектот на пеперутката

Општо познат факт е дека пливањето е една од најдобрите физички активности за човековото тело. Без разлика на пливачкиот стил кој ќе го одберете, резултатите по вашето тело и ум ќе бидат и тоа како позитивни. Но, сте се запрашале ли некогаш која пливачка техника го активира вашето тело најмногу?

Постојат четири основни пливачки техники : слободно, грбно, градно и пеперутка. Секој од овие стилови има посебна техника за која е потребна специфична сила на одредени мускули. Сепак и меѓу нив постојат некои кои на покомплетен начин го активираат вашето тело. Па така доколку сте во потрага по најкомплетната пливачка техника, односно по техника која ќе извлече најмногу од вас тогаш со сигруност можете да се откажете од градната и грбната техника. Ефектот на овие две дисциплини врз здравјето и мускулниот тонус се несомнени но и значително помали во споредба со слободниот стил и пеперутката.

Слободниот стил и пеперутка стилот се многу слични во поглед на бројот на мускули кои ги актвираат како и вкупниот мускулен напор и енергија која ја трошите. За време на пливањето во слободен стил активни се вкупно 48 мускули. Во пеперутката се активни истите тие 48 мускули, но за разлика од слободниот стил каде додека едната страна од телото работи другата закрепнува, во пеперутка стилот телото е во постојано движење без паузи што го прави далеку потешко за практикување.

Дополнително дишењето во пеперутка стилот кој се изведува на секои 2-5 секунди е далеку покомплесен но и поефективен врз севкупниот кардио-васкуларен систем. Од сево ова лесно можеме да заклучиме дека пеперутка стилот е убедливо најдобар доколку барате најкомплетна пливачка техника.

Со овој стил активно ќе работите на сите мускулни групи во вашето тело: раце, рамена, нозе, грб, гради, јадро. Значи доколку сакате да го постигнете препознатливиот пливачки V изглед, ова е вистинскиот избор. Пеперутката е исто така и најефикасна во согорувањето на калории и создавањето на мускулна маса.

Сепак и покрај сето горенаведено, би требало да се истакне и дека стилот пеперутка е убедливо најтежок, и во техничка и во физичка смисла. Затоа дајте си себеси време да ја совладате оваа техника и на тој начин побрзо да ги почуствувате придобивките од неа. Уживајте во пливањето.

Автор

EDITOR

Скопје

Македонија